Новости
среда, 18 ноември 2015 14:05
Во рамки на работната а посета на Брисел, Државниот секретар Ана Блажеска, оствари работни средби со К. Вент, Директор при ГД НЕАР.
За време на средбата, Државниот секретар Блажеска ја истакна важноста на добиената седма по ред препорака за почеток на преговорите со ЕУ.Беа разговарани повеќе активности кои ги спроведува Владата со цел подобрување и унапредување на степенот на подготвеност на Република Македонија за членство во Европската Унија. Исто така, беше разговарано за искористеноста на ИПА како и за спроведувањето на забелешките од ИПА ревизорскиот извештај.
Државниот секретар Блажеска, на средбите истакна дека европската интеграција останува клучен стратешки приоритет на нашата земја. Во тој контекст, нагласи дека од страна на Владата се следи реализацијата на селектираните приоритети врз основа на препораките на Европската Комисија, кои се клучни во процесот на пристапување во ЕУ.Нагласи, исто така, дека од голема помош за Македонија се и отворените фондови преку ИПА инструментот, кои се расположливи за македонските институции и граѓани, во повеќе различни области. Преку овие фондови, до сега се реализирани голем број на инфраструктурни проекти кои се од корист за граѓаните.
Во рамки на посетата, се оствари средба со Ректорот на Колеџот на Европа, д-р Јорг Монар во седиштето на колеџот во Бриж. На средбата се разговараше за различните можности за соработка преку можности за стипендирање на студенти од Македонија.
Исто така, се одржаа и средби со Д. Кулен, шеф на одделението задолжено за Македонија при ГД НЕАР, М. Јунг, шеф на одделението за Западен Балкан и регионална соработка при ГД НЕАР. На средбите се разговараше за добиениот извештај за напредокот и Стратегијата за проширување на ЕУ.На средбата со М. Јунг се резговараа различните можности кои ги нуди регионалната програма на ИПА како и за различни проекти од областа на инфраструктурно поврзување.
Државниот секретар Блажеска учествуваше и на брифингот кој се одржа во македонската Мисија во Брисел со членовите на COWEB (Работна група за Западен Балкан). На брифингот кој го одржаа заедно со Амбасадорот на Република Македонија во ЕУ, Лепавцов, пред членовите на COWEB заеднички го презентираа напредокот на Република Македонија во исполнување на политичкиот договор и итните реформски приоритети.