Новости
петок, 13 ноември 2015 15:12
По повод објавувањето на Стратегијата за проширување од страна на Европската комисија и Извештајот за напредокот на Република Македонија, денеска во Секретаријатот за европски прашања се одржа дискусија со претставници на граѓанските организации на тема: “Стратегијата за проширување од страна на Европската комисија, Извештајот за напредокот на Република Македонија и разговор околу следните чекори”.
На дискусијата, Заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања д-р. Фатмир Бесими, говорејки за превземените чекори после добивањето на Извештајот за напредокот, резултатите од првичната анализа, која беше изработена од страна на Секретаријатот за европски прашања и планираните следни чекори во насока на постигнување на напредок до одржувањето на декемврискиот Совет на ЕУ, истакна дека е важно што во Извештајот се споменува дека Европската комисија е подготвена да му предложи на Советот започнување на пристапните преговори, што е од големо значење не само за Република Македонија, туку и за регионот.
Владата на Република Македонија останува посветена на овој стратешки интерес и внимателно ќе ги разгледува сите препораки од Европската комисија во владиниот план за имплементација на итните реформски приоритети.
Од страна на претставниците на граѓанските организации беше поздравено одржувањето на дискусијата, воедно беа истакнати нивните видувања и ставови во поглед на предизвиците нотирани во Извештајот.
Од страна на Секретаријатот за европски прашања, беше најавено дека во наредниот период ќе продолжат засебни дискусии со граѓанскиот сектор по однос на клучните наоди од Извештајот.