Новости
понеделник, 02 ноември 2015 17:47
Заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања д-р Фатмир Бесими, денеска оствари средба со амбасадорката на Кралството Данска, г-ѓа Лисалоте Пласнер.
На средбата вицепремиерот Бесими се заблагодари за континуираната поддршка од страна на Данска во процесот на Евро-Атлантска интеграција на Република Македонија и нашиот регион.
Данска е поддржувач на процесот на проширување на ЕУ, и е на ставот дека услов за натамошното напредување на земјите треба да бидат достигнувањата во исполнувањето на неопходните обврски на секоја земја поединечно.
На средбата, се дискутираше за актуелната политичка состојба во Република Македонија и нејзиното влијание на целокупниот процес, развојот на добрососедските односи, како и за предизвиците во справувањето со мигрантската криза и позитивната улога на Македонија.
Од страна на Вицепремиерот Бесими беше истакната неопходноста од што поскоро интегрирање на земјите од Западен Балкан во Европската унија, како единствена гаранција за стабилност и просперитет во регионот.
На крајот на средбата беше истакнато дека унапредувањето на политичкиот дијалог меѓу двете земји и продлабочувањето на соработката во сите области од взаемен интерес и натаму ќе бидат во фокусот на билатералните релации.