Новости
четврток, 29 октомври 2015 18:28
Заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања д-р Фатмир Бесими денеска оствари средба со г-ѓа Рене Џоунс Бос, заменик министер во Министерството за надворешни работи на Кралството Холандија, придружувана од амбасадорот на Кралството Холандија во Македонија Н.Е.Вилем Вутер Пломп. Посетата се реализира во функција на подготовка на програмата и приоритетите за претстојното холандско Претседателство со Советот на ЕУ кое ќе започне од јануари 2016 година.
Во текот на разговорот беше истакнато дека Холандија е еден од најголемите поддржувачи на Република Македонија за членство во евроатлантските структури, но дека за неа е клучно Македонија да продолжи да испорачува мерливи резултати во спроведување на реформите во соодветните области. Во тој контекст се даде осврт и на актуелната политичка ситуација како и активностите за реализација на итните реформски приоритети.
За време на средбата вицепремиерот Бесими ја истакна и неопходноста од европско интегрирање на земјите од Западен Балкан, како единствена гаранција за стабилност и просперитет во регионот. Во таа насока ја изрази потребата и очекувањето дека процесот на проширување на Европската унија, покрај другите актуелни приоритети, ќе се најде во агендата на претстојното холандско претседателство.
Во поглед на справувањето со зголемениот број на мигранти за време на разговорот беше истакнато дека Македонија прави се што е во нејзините можности и надлежности со цел соодветно справување со состојбата, но уште еднаш беше потенцирано од страна на вицепремиерот Бесими дека е неопходна и понатамошна помош од страна на Европската Унија и билатералните партнери, во насока на што Секретаријатот за европски прашања организира донаторски состаноци со меѓународната заедница.
На крајот Бесими ја изрази својата благодарност за значителната билатерална поддршка која Република Македонија и Секретаријатот за европски прашања ја добиваат од Кралството Холандија преку инвестирање во проекти за институционална надградба со надеж дека истата ќе продолжи и во иднина.