Новости
понеделник, 21 септември 2015 15:36
Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, д-р Фатмир Бесими, денес (21.09.2015) престојува во работна посета на Брисел. За време на посетата Бесими се сретна со Директорот на директоратот за проширување на Европската унија, Кристијан Даниелсон и учествуваше на брифинг во врска со претстојниот Извештај за напредокот на Република Македонија.
На состаноците се разговараше за последните случувања во земјата почнувајќи од постигнувањето на политичкиот договор, спроведувањето на нацрт планот на активности за реализација на итните реформски приоритети како и впечатоците од Пристапниот дијалог на високо ниво кој се реализираше во Скопје минатата недела.
Вицепремиерот Бесими ја истакна улогата на Европската Комисија како стратешки партнер на земјата во процесот на европската интеграција и нагласи дека сега повеќе од било кога е потребна одлука од Советот со која ќе се даде јасна ЕУ перспектива за земјата и одлука за започнување на пристапните преговори, или со Поглавјата 23 и 24 во ова фаза.
За време на разговорите Бесими ги потенцираше клучните постигнувања и спроведувањето на реформите од европската агенда, особено во областите на судство, борба против корупција и организиран криминал, слобода на изразување, изборна реформа, фундаментални права и меѓуетнички односи како и во делот на економските критериуми.
Во однос на актуелната состојба со мигрантите, беше истакнато дека вклучувањето на земјите од Западен Балкан во единствениот пристап на ЕУ кон мигрантската криза е од суштинско значење, бидејќи земјите, вклучувајќи ја и Македонија, се транзитни за мигрантите и затоа е потребна и поддршката од Унијата. Во таа насока, Бесими ја поздрави посетата на Комесарот Хан на јужната граница истакнувајќи дека тоа е силен сигнал за нас но и за ЕУ за изнаоѓање на решение за овој историски предизвик за целиот систем на ЕУ.