Новости
петок, 11 септември 2015 15:12
Заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања д-р Фатмир Бесими зема учество на дводневната регионална конференција посветена на соработка меѓу земјите и граѓанското општество во процесот на интеграција во ЕУ, која се одржа во Црна Гора. На конференцијата учествуваа и министрите задолжени за европска интеграција од Црна Гора, Србија, Албанија, Косово и Босна и Херцеговина.
За време на дискусијата , Вицепремиерот Бесими потсети дека Република Македонија беше првата земја од регионот која ја потпиша Спогодбата за стабилизација и асоцијација и досега има добиено шест последователни препораки за отпочнување на преговорите за членство, иако се уште нема добиено датум за преговори.Тоа имаше влијание на реформите поврзани со ЕУ, рече Бесими, особено во последните две години. Со неодамна обновениот политичкиот дијалог во земјата и покрај сите предизвици, фокусот за членство во ЕУ а со тоа и реформите во тој процес, остануваат приоритет. Состанокот за Претпристапниот дијалог на високо ниво, кој ќе продолжи идната недела во Скопје, е дополнителен сигнал за посветеноста на европската интеграција.
Кога зборуваме за реформите диктирани од евроинтегративниот процес, Бесими нагласи дека транспарентноста и инклузивноста на процесот е најголем императив, што подразбира вклученост и на граѓанскиот сектор како компонента од суштинско значење за современите демократски општества.
Секретаријатот за европски прашања постојано стреми кон воспоставување систем за редовни консултации со граѓанскиот сектор и заложбите во таа насока беа нотирани во последниот Извештај за напредок на Европската комисија, истакна Бесими заклучувајќи дека најдобриот начин да се обезбеди ентузијазмот во процесот и да се стимулира спроведувањето на неопходните реформи е преку вклучување на сите заинтересирани страни во процесот.
Вицепремиерот Бесими за време на посетата оствари и билатерална средба со Вицепремиерот и министер за надворешни работи и европска интеграција на Црна Гора, Игор Лукшиќ. На средбата се дискутираа прашања од заеднички интерес и тековната соработка меѓу двете земји, а беа дискутирани и заклучоците од неодамнешниот Балкански Самит кој се оддржа во Виена и можноста за слични регионални иницијативи и активности во смисла на поддршка на процесот на евроинтеграции.