Новости
среда, 29 јули 2015 15:51
Денес се одржа првиот состанок на Националниот инвестициски комитет (НИК). На состанокот свое обраќање имаа вицепремиерот задолжен за европски прашања д-р. Фатмир Бесими, министерот за финансии г. Зоран Ставревски во својство на ко-претседавач, евроамбасадорот Н.Е. г. Аиво Орав, министерот за транспорт и врски г. Владо Мисајловски и директорот на МЕПСО г. Синиша Спасов.
Присутни на состанокот беа високи претставници на Владата на Република Македонија, амбасадорите на Европската Унија, високи претставници од меѓународните финансиски институции, билатерлните партнери и донаторската заедница со постојана мисија во Република Македонија.
Националниот инвестициски комитет (НИК) е советодавно тело во кое на транспарентен начин се дискутира за стратешки инфраструктурни проекти, со цел преку експертска размена на мислења на претставниците од македонската страна и меѓународните институции да се постигне поголема координација на сите страни кои се заинтересирани за финансирање на инвестициските проекти во секторите транспорт, енергетика, социјала и животна средина.
Националниот инвестициски комитет (НИК) е составен од три дела: Првото ниво e составено од следните постојани членови по функција: Заменикот на претседателот на Владата на РМ задолжен за европски прашања, како ко-претседавач; Заменик на претседателот на Владата на РМ и министер за финансии, како ко-претседавачи, Заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања и други министри. Второто ниво - Техничката работна група, оперативно тело кое го формулира, промовира и надгледува спроведувањето на секторскиот пристап. Третото ниво го сочинуваат работните групи за програмирање во секторите: транспорт, животна средина, енергетика и социјален сектор.
Во своето обраќање вицепремиерот Бесими истакна дека преку формирањето на Националниот инвестициски комитет се очекува да се обезбеди понатамошна ефикасна координација на развојните политики преку подобро планирање и приоритизирање заради подобра алокација на средствата за транспортната инфраструктура и енергетската поврзаност на земјата со земјите од Западен Балкан во рамки на Инвестициската рамка за земјите од Западен Балкан 2015 (WBIF 2015). Истовремено беа дискутирани и приоритетите на долг и среден рок опфатени во рамки на Западен Балкан (WB 6) , каде Коридорот 8 и Коридорот 10 се потенцираа како приоритетни и истите ќе бидат презентирани на Европската Комисија на претстојниот Самит во Виена во август 2015.
На крајот Вицепремиерот Бесими уште еднаш ја истакна важноста од енергетско и транспортно поврзување на земјите од Западен Балкан и ЕУ, како клучен фактор за раст и отворањето на нови работни места во регионот.