Новости
петок, 24 јули 2015 13:01
Заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања, д-р Фатмир Бесими учествуваше на Неформалниот состанок на министри и државни секретари за европски прашања, во организација на Луксембуршкото претседателство со Советот на ЕУ.
На состанокот Претседателството ја искористи можноста да ја презентира својата Програма и приоритети. Презентацијата беше проследена со размена на мислења за главните прашања со кои Европската унија се соочува и ќе се соочува во текот на втората половина на 2015 година.
Вицепремиерот Бесими во своето обраќање го истакна своето уверување дека Луксембуршкото претседателство преку примената на отворениот пристап, кој цели кон ставање на граѓаните и нивните потреби во срцето на своите иницијативи ќе успее да обезбеди доследно спроведување на зацртаните приоритети, што ќе придонесе во процесот на градење на силна Европа, градена врз основа на Европските вредности и принципи.
Во своето обраќање Заменикот Претседател Бесими, ја истакна неопходноста од европското интегрирање на земјите од Западен Балкан, како единствена гаранција за стабилност и просперитет во Регионот. Во таа насока, тој го истакна очекувањето дека Луксембуршкото претседателство покрај имплементацијата на останатите зададени приоритети, ќе даде поактивна поддршка во имплементацијата на Приоритетот – Јакнење на присуството на ЕУ на глобалната сцена, кој ќе се демонстрира во консензуалното усвојување на Годишните заклучоци за проширување во декември и ќе придонесе кон европската интеграција на Регионот.
Не би можел да не ја искористам оваа можност да се заблагодарам за инволвираноста и целата поддршка која Македонија ја доби од страна на Европската Унија, особено на комесарот Хан, во насока на постигнување на договор од страна на политичките партии, со кој се стави крај на политичката криза, која се испречи на патот на европската интеграција на Република Македонија. Владата на Република Македонија со сериозност пристапи кон сите забелешки, препораки и извештаи дадени од страна на ЕУ, конкретно врз основа на нив изготви План со активности за имплементација на итните реформски приоритети, за кој беа консултирани и согласни политичките партии, план кој ги дефинира нашите идни активности во насока на постигнување на резултати – истакна Бесими.
На крајот од своето обраќање Вицепремиерот Бесими, уште еднаш ја истакна битноста од што поскоро зачленување на Република Македонија во Европската Унија и во таа насока очекувањето од континуирана и засилена поддршка од страна на европските институции и земјите членки. Очекуваме дека прогресот ќе биде соодветно вреднуван во декемвриските заклучоци на Советот на ЕУ и Република Македонија ќе се здобие со уште една позитивна препорака за започнување на преговорите.
На маргините на Неформалниот состанок, Вицепремиерот Бесими оствари повеќе билатерални средби, во рамките на кои се сретна со г. Жан Аселборн, Министер за надворешни и европски работи на Луксембург, г. Роберт Гроте, Заменик министер за надворешни работи на Холандија и г. Мартин Котхаус, Генерален директор за европски прашања во МНР на СР. Германија. На средбите се дискутираа последните случувања во државата и напорите кои Владата на Република Македонија ги прави во насока на европската интеграција на државата.