Новости
среда, 24 јуни 2015 13:59
Заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања д-р Фатмир Бесими, денес, се сретна со грчкиот министер за надворешни работи г-дин Никос Коциас.
На состанокот беа дискутирани актуелните предизвици со кои се соочуваат Европската Унија, Грција и Република Македонија и потребата од обострана соработка во духот на Солунската Агенда, како фундамент за пристапување на земјите од Западен Балкан во Европската Унија, и можностите за понатамошна економска и развојна соработка во повеќе области.
Од страна на Вицепремиерот Бесими беше истакнато очекувањето дека Грција ќе ја подржи отворено интеграцијата на земјите од Западен Балкан во ЕУ, што ќе придонесе кон значително зајакнување на стабилноста и економскиот просперитет на целиот регион.
Вицепремиерот истакна дека нам особено ни е битно и работиме во насока на понатамошно зајакнување и развој на добрососедските односи и регионалната соработка. Во насока на што го поздрави носењето на мерки за градење на доверба изработени од страна на тимови од двете држави.
Потполно сме свесни за предизвиците кои стојат пред нас на национално ниво и нашата одговорност како политичари и функционери за нивно надминување, очекуваме политичкиот дијалог да продолжи во насока на надминување на политичките препреки и веруваме дека истиот ќе допринесе кон надминување на политичката криза и продолжување на европскиот пат преку имплементација на новите приоритетни реформи– истакна Бесими.
Владата на Република Македонија активно работи на изработка и усвојување на акциски план за идните реформски активности, врз основа на приоритетите испорачани од страна на ЕК, експертскиот извештај и заклучоците од Советот на ЕУ и на подготовка за Советот за стабилизација и асоцијација, во соработка со Министерството за надворешни работи. Врз основа на горенаведените документи реформскиот фокус во наредниот период ќе биде ставен врз: владеењето на правото и основните права, деполитизација на јавната администрација, слободата на изразување и изборните реформи, како и спроведувањето на Охридскиот рамковен договор и унапредувањето на добрососедските односи.
Од страна на соговорниците беше потенцирана и добрата економска соработка и позитивниот развоен тренд, каде беше напомнато дека Грција е традиционален стратешки трговски партнер на Република Македонија и еден од најголемите странски инвеститори во државата.
Меѓу другото, беше дискутирана и позитивната развојна динамика на ИПА програмата за преку-граничната соработка помеѓу Република Македонија и Грција. Во рамките на оваа програма, до сега се потпишани 7 финансиски спогодби во висина од 9.93 милиони евра, преку кои се имплементирани или се во фаза на имплементација повеќе од 50 проекти. Двете страни очекуваат позитивен тренд и во наредниот период во развивањето и реализацијата на проекти од взаемен интерес, како дел од ИПА програмата за прекугранична соработка 2014 – 2020, во висина од 45 милиони евра, кои ќе бидат на располагање преку разни проектни повици.
Разговарано беше и за интензивирање на соработката во повеќе области од делот на усогласувањето на нашето законодавство со законодавството на ЕУ и споделување на искуствата на грчката администрација со нивните хомолози од македонска страна, на билатерална основа, но и преку користење на ЕУ инструментите, како што се Twinning, TAIEX и сл.
На крајот соговорниците изразија надеж за понатамошно унапредување на билатералната соработка и поддршка и развој на тековните иницијативи.
Скопје, 24.06.2015