Новости
четврток, 04 јуни 2015 16:44
Атина, 4 јуни 2015 (МИА) - Соседите немаат друг избор освен да бидат добри пријатели, изјави вицепремиерот за европски интеграции Фатмир Бесими по денешната средба во Атина со грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕиас.
- Имавме отворена и искрена дискусија меѓу пријатели. Ова е прв состанок и можеби е изненадување што разговаравме како пријатели, но соседите немаат друг избор освен да бидат добри пријатели. Мислам дека искрената дискусија што имавме за визијата на Западен Балкан е иднината за стабилност, мир, просперитет, вредностите на демократијата, владеење на правото, слободата на говорот, движењето. Сите вредности кои се заеднички за нашите општества, истакна Бесими.
Тој додаде дека на состанокот со Коѕиас не зборувале само за визии, туку и за начините како овие визии да се претворат во стварност. Во однос на прашањата кои се се уште отворени меѓу двете земји, Бесими истакна дека со Коѕиас се согласиле оти има можности отворените прашања да бидат решени.
Македонскиот вицепремиер информира дека е разговарано и за предлозите за мерките за градење доверба и решавање на прашањето за името.
- Овие идеи се добредојдени. Како и иницијативата да ја посети мојата земја. Како можеме да замислиме да ги решиме отворените прашања без да разговараме, без иницијативи, рече Бесими и нагласи дека Коѕиас е добредојден во Скопје, изразувајќи надеж дека ќе наиде на истото топло гостопримство.
На денешната средба во Атина е повторено и дека проширувањето на ЕУ со Западен Балкан е нешто што се очекува да донесе одржлив мир и стабилност во регионот.
- Солунската агенда и заклучоците на министрите, и денешната изјава на министерот за надворешни работи даваат јасна порака дека има надеж за евроатлантскиот пат за мојата земја и за регионот, нагласи Бесими.
На новинарско прашање дали верува дека денешната посета ќе биде од помош за Македонија после Куманово, политичката нестабилнсот со која во моментов се соочува земјата и по медијацијата на комесарот Хан, Бесими рече:
- Дефинитивно. Мојата посета на Грција е до помош и без овие настани кои се случија во мојата земја. Морам да кажам дека во однос на политичката ситуација доаѓам како поголем оптимист, отколку тоа да беше минатата недела. Во понеделникот бешепостигнат договор меѓу политичките лидери за концептот како да се движиме напред во оваа ситуација, кој ќе и помогне не само на политичката стабилност, туку ќе придонесе и за побрзо имплементирање на агендата за реформи во мојата земја. И се разбира, тоа ќе има и позитивен одраз на нашиот евроатлантски процес.
Грчкиот министер за надворешни работи на средбата ја изразил поддршката за разговорите меѓу политичките партии и еврокомесарот Хан.
- Дискутиравме за нашите соништа и надежи за Балканот и особено за Западен Балкан. За начините со кои може да се обидеме уште повеќе да го стабилизираме нашиот дел од светот, ги коментиравме разговорите што се водат за прашањето за името, а дискутиравме и за мерките за градење доверба, информира Коѕиас.
Тој рече дека во наредните денови политичкиот директор во грчкото МНР ќе допатува во Скопје со цел да се разговара за сето ова. На крајот од месецов и Коѕиас ќе го посети Скопје, при што, како што рече, „сигурно ќе ги продолжиме денешните дискусии“.
- Топлата дискусија што ја имавме беше отворена,искрена и ни даде надеж за добра основа за иднината меѓу нашите две соседни земји, рече Коѕиас и му посака добредојде на Бесими при што истакна дека било задоволство да се разговара со него.
На новинарско прашање дали може да даде конкретен пример од листата мерки за градење доверба, Коѕиас рече дека списокот со мерки ќе биде објавен во Скопје, каде политичките директори од двете министерства веќе разговарале. Тој нагласи дека мерките треба прво да се договорат, а потоа да се објават.
- Како што вообичаено велам, кога луѓето преговараат, не е добро да се зборува за тие работи. Но она што можам да го кажам е дека после три состаноци во Будимпешта, Рига и Анталија со мојот колега, министерот за надворешни работи на соседната земја, секој од нас состави листа на предлози и видовме дека на еден или друг начин, голем дел од мерките се совпаѓаат, рече Коѕиас и додаде дека се потребни понатамошни појаснувања од двете страни со цел да се утврди што точно мисли другата страна за работите кои изгледаат идентични.
Шефот на грчката дипломатија информира и дека за повеќе мерки побарал асистенција од еврокомесарот Хан за да можат да се обликуваат програми кои би можеле да бидат финансирани од ЕУ во рамките на потенцијален, и, како што рече, „ се надевам вистински договор за мерките за градење доверба“. Јт/
Напомена: Текстот е превземен од МИА
Заеднички изјави на министерот за надворешни работи Коѕијас и заменик претседателот на Владата на Република Македонија, Фатмир Бесими, по нивниот состанок (Атина, 4 јуни 2015 година)
Н. КОЅИЈАС: Денес го започнавме денот со средба помеѓу мене и заменик претседателот на Владата на нашата соседна земја, Фатмир Бесими, со кого имав - и со кого ќе имам, за време на ручекот - креативна и многу пријателска дискусија. Ја изразив мојата поддршка за разговорите помеѓу страните, под покровителство на комесарот Хан. И добро е познато дека ние секогаш им кажуваме на нашите европски партнери дека реалистични и разумни мислења, како на господинот Бесими, мора да се слушаат со внимание во Европа. Господинот Бесими и јас разговаравме за нашите надежи и соништа за Балканот и за земјите од Западен Балкан, конкретно: како би можеле уште подобро да го стабилизираме регионот и да обезбедиме поголема сигурност.
Ние ги коментиравме разговорите кои се водеа и кои ќе се водат за прашањето за името.
Исто така, зборувавме за мерките за градење доверба. Би сакал да кажам дека, во наредните денови, нашиот политички директор ќе биде во Скопје за да зборува за овие мерки.
И во текот на месецот - кон крајот на месецот - ќе имам посети низ Западен Балкан, вклучувајќи го и Скопје, каде што сум сигурен дека ќе продолжиме со разговорите што ги започнавме денес.
За мене беше многу пријатна околност што Фатмир Бесими беше во посета кај нас и што повторно ќе не посетува. Тој е млад, талентиран политичар кој поврзува многу размислувања за развојот на настаните на Балканот, како лидер на албанската заедница во нашата соседна земја.
И јас му благодарам многу за топлиот и отворен разговор што го имавме, со искреност и на начин кој дава надеж за создавање добра основа за иднината на односите помеѓу нашите две соседни земји.
Фатмир, добредојде во Атина, и јас сум навистина задоволен од нашата дискусија.
Ф. БЕСИМИ: Ви благодарам многу. Најпрвин, би сакал да ви се заблагодарам искрено, од моето срце, за ова многу топло добредојде и отворениот и искрен разговор што се одвива помеѓу пријатели.
Бидејќи ова е прва средба, ќе бидете изненадени за тоа зошто зборувам за пријатели, но соседите немаат друг избор освен да бидат добри пријатели, и мислам дека дискусијата што ја имавме искрено за визијата на Западен Балкан е иднината, заедничката визија за стабилноста, мирот, просперитетот и демократските вредности, владеењето на правото, вредностите на слободата, слободата на говорот, слободата на движење - сите овие вредности кои евроатланската заедница ги споделува.
И мене ми е многу драго да кажам дека на овој состанок разговаравме за таа визија, но, исто така, не само за визијата, но и за тоа како можеме да ја направиме оваа визија реалност. Мило ми е што можам да кажам дека имавме шанса да разговараме за прашањата кои сè уште се отворени помеѓу нас. И се согласивме дека овие прашања може да се решат. Ова може да отвори пат за билатерална соработка, за добри односи и, исто така, споделување заеднички вредности во иднина во исто семејство, она на евроатланската заедница.
Исто така, имавме можност да разговараме за предлогот и за мерките за градење доверба и решенија за спорот со името. Овие идеи се добредојдени, како што е иницијативата да ја посетите мојата земја и иницијативата за посета на земјите од регионот. Како можеме да замислиме решавање на отворените прашања без разговор, без иницијатива? Затоа, драг колега, и ако можам да кажам во духот на дискусијата денес, драг пријателу - ние многу го почитуваме, ќе бидете добредојден во Скопје, и се надевам дека наидете на истото гостопримство таму.
Исто така сакам да споделам со вас дека денес зборувавме дека проширувањето на Европа на Западен Балкан е нешто што ние очекуваме да донесе одржлив мир и стабилност во регионот.
Солунската агенда од 2003 година и заклучоците на министрите за време на грчкото претседателство со Европската унија ја потврдија таа надеж, исто како и изјавата која ја слушнав сега од вашиот министер за надворешни работи, којашто дава јасна порака дека има надеж за мојата земјата и регионот да продолжат по евро-атлантскиот пат.
Затоа, уште еднаш сакам да ви се заблагодарам за оваа можност, заедничкиот состанок, и разговорите за конкретни и специфични прашања што ги имаме, исто така, преку билатералната соработка, досегашното одлично искуство со прекуграничната соработка. Досега во тековната ИПА за 2013-2017 година околу 10 милиони евра се искористени за 50 проекти во различни општини и институции од граѓанскиот сектор и бизнис заедницата, а ние имаме нова ИПА програма за 2014-2020 година. Ќе има дополнителни средства за оваа соработка.
Исто така, зборувавме за збратимување, каде што може да се користи искуството на грчката администрација, а исто така и вашето искуство со европските институции; нешто што беше користено во минатото и во други програми.
Значи, ова е отворено поле, можност за соработка и остварување на овие мерки за градење доверба во нашите односи, бидејќи има цврста основа за тоа. Постои значителна економска соработка, инвестиции. Ние треба да ја поддржиме оваа соработка и ова зајакнување на односите во областа на економијата, во социјалната област, во нашата соработка, како идни земји во истото големо семејство од областите на евроатланската заедница, на демократските вредности и економските вредности на слободата на движење и слободата.
Ви благодарам
НОВИНАР: Г-дин Коѕијас, прашање до Вас: Ги споменавте мерките за градење доверба. Можете ли да ни дадете некои конкретни примери? Затоа што ние не знаеме што поточно се тие. Еден пример од листата на мерките за градење доверба, и дали постои приближување на ставовите. Ви благодарам.
Н. КОЅИЈАС: Ви благодарам за прашањето. Се надевам дека ќе го објавиме списокот во Скопје, по разговорите помеѓу нашите политички директори.
Би избрзал – како што би сакал да направам – доколку спомнам мерки, бидејќи претходно треба да се согласиме за нив. Како што секогаш велам, кога се преговара, не е добро да зборува за тоа. Она што имам да кажам е дека, по трите средби што ги имавме - во Будимпешта, Рига и Анталија - со мојот колега, министерот за надворешни работи на нашата соседна земја, секој од нас состави список на предлози и констатирано е дека во голем дел, на еден или друг начин, тие се поклопуваат.
Но, сè уште се потребни појаснувања од едната и од другата страна: што поточно секоја страна мисли за точките кои се совпаѓаат. Покрај тоа, побарав помош од Европската комисија, од господин Хан, надлежниот комесар, за одредени мерки за обликување на програмата - финансирана, доколку е можно, од страна на Европската унија - во рамки на можен и, како што јас се надевам, реален договор за мерките за градење доверба. Мислам дека ви дадов доволно новини, а некои ги оставив за мојата посета.
НОВИНАР: Господине Бесими, по Куманово и политичката нестабилност којашто постои во Вашата земја во овој момент и со посредство на господин Хан, дали мислите дека ова Ваше патување во Грција ќе биде решавачко? Ќе и помогне ли на Вашата земја?
Ф. БЕСИМИ: Ви благодара за вашето прашање.
Дефинитивно.
Мојата посета на Грција е корисна, дури и без овие настани кои се случија во мојата земја. Морам да кажам, денес, во однос на политичката ситуација, дојдов пооптимистички во споредба со тоа посетата да беше минатата недела, бидејќи во понеделникот беше постигнат договор помеѓу политичките лидери за концептите за излез од оваа ситуација, што ќе помогне не само за политичка стабилност туку и за побрзо темпо на агендата на реформи во мојата земја, и секако, тоа ќе се одрази позитивно во прилог на нашиот евроатлански процес. Значи така јас гледам на посетата. И пак ќе повторам дека очекувам оваа посета да го одрази духот за дискусија со мојот колега, господин Коѕијас, мојот пријател, Никос, затоа што кога зборуваме за односите, добрососедските односи, тргнуваме од себе си. Се почнува од лична комуникација, начинот на кој се комуницира, начинот на меѓусебно разбирање и преку заемно почитување, и начинот на кој не само што се води политика, како што беше кажано од страна на Вашиот министер, туку и се помага на социјалната кохезија или како што се нарекува тука мерките за градење доверба. Значи така јас го гледам состанокот во однос на тоа прашање. Значи оваа посета помага во градењето доверба, не само на лично ниво, туку исто така и во општеството и нашите добрососедски односи. Ви благодарам.
Н. КОЅИЈАС: Убаво попладне.