Новости
вторник, 28 април 2015 15:30
Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања д-р Фатмир Бесими, престојува во посета на Големото Војводство Луксембург, кој од Јули го превзема претседавањето со Советот на ЕУ, каде оствари средби со министерот за надворешни и европски работи на Луксембург, г-н Жан Аселборн и претседателот на Комитетот за надворешни и европски работи, одбрана, соработка и имиграција, г-н Марк Ангел.
Вицепремиерот Бесими ја истакна неопходноста од европско интегрирање на земјите од Западен Балкан, како единствена гаранција за стабилност и просперитет во Регионот. Во таа насока ја изрази потребата и очекувањето дека процесот на проширување на Европската унија, покрај другите актуелни приоритети, ќе се најде на високо место во агендата на Луксембуршкото претстојно претседателство со Советот на ЕУ.
Вицепремиерот Бесими побара поддршка од Луксембург и директно за Македонија, особено во овие времиња кога се соочуваме со сериозни предизвици, кои имаат влијание врз евроинтегративниот процес, а чие ненавремено, неинклузивно и несоодветно решавање може да доведе и до нарушување на стабилноста, вклучително и потенцијални меѓуетнички тензии.
Притоа, тој ја поздрави дискусијата за политичката ситуација и носењето на Заклучоците за Република Македонија, од страна на Советот на ЕУ, што го покажува интересот на земјите членки за задржување на Република Македонија на патот кон ЕУ. Од наша страна, заклучоците ги разбираме како патоказ за фокусирање кон клучните приоритети кои треба да се реализираат за надминување на актуелната ситуација.
Граѓаните на Република Македонија сеуште во голем процент веруваат во Европската Унија, но незадоволството од должината на процесот почнува да се чувствува, што доведува до намалување на кредибилноста на процесот – истакна Бесими, барајки поддршка за одпочнување на долгоочекуваниот преговарачки процес за влез во ЕУ, а при тоа решението за името да се бара во раната фаза на преговорите.
На крајот тој нагласи дека и покрај сите околности и потешкотии со кои Република Македонија се соочува во овој период, Владата и администрацијата вложуваат континуирани напори во насока на фокусирање на реформскиот процес и генерирање на позитивни сигнали во клучните области.
Од страна на соговорниците беа презентирани главните акценти на програмата и приоритетите на Луксембуршкото претседателство со Советот на ЕУ, вклучително и плановите за оддржување на следниот состанок на Советот за Стабилизација и Асоцијаџија, како и најава за можен неформален состанок на Советот на ЕУ за општи работи со присуство на министрите за европски прашање на земјите на западен Балкан.
Соговорниците, исто така, истакнаа дека Луксембург го поддржува процесот на проширување како еден од столбовите на ЕУ, на кој гледаат како основа за позитивни промени во земјите кандидати, во таа насока искажаа безрезервна поддршка за аспирациите на РМ за интеграција во ЕУ, но воедно ја изразија и загриженоста дека освен прашањето за името на кое до неодамна гледаа како единствена пречка, се јавуваат и дополнителни пречки за натамошна интеграција во ЕУ, меѓу кои се истакна моменталната политичка ситуација во државата, и назадувањето во неколку клучни области, што генерира лоша меѓународна репутација. Тие изразија надеж за нивно надминување преку конструктивен и инклузивен дијалог.
На крајот министерот Аселборн нагласи дека Луксембург останува и понатаму отворен за редовна коминикација на високо политичко ниво, кое ќе продолжи и за време на нивното претседавање со Советот на ЕУ.