Новости
понеделник, 27 април 2015 18:08
Заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања д-р Фатмир Бесими престојува во еднодневна посета на Сојузна Република Германија, каде оствари средба со државниот секретар во Министерството за надворешни работи на Германија, д-р Маркус Едерер и со висок претставник на кабинетот на канцеларката Ангела Меркел, заменик генерален директор во Генералниот директорат за европска политика, д-р Франц Нејдер, како и со специјалниот претставник за Југоисточна Европа д-р Ернст Рајхел.
На почетокот на средбата Вицепремиерот Бесими и Државниот Секретар Едерер ги поздравија добрите билатерални односи помеѓу Република Македонија и Сојузна Република Германија и изразија целосна посветеност кон нивно понатамошно продлабочување на секое ниво од взаемен интерес.
Соговорниците се осврнаа на последните заклучоци на советот на ЕУ за Македонија, повторувајќи ја загриженоста за актуелните политички случувања во Македонија и потенцирајќи ја потребата од изнаоѓање на брзо оддржливо политичко, правно и институционално решение, почитувајќи ги принципите на владеењето на правото и правните механизми на располагање, вклучително и утврдување на одговорноста. Тие исто така ја истакнаа германската поддршка на политичките преговори кои што се одвиваат со поддршка на претставници на европскиот парламент. Тема на состанокот беа и меѓуетничките односи и безбедносната состојба во земјата со акцент дека Европската Унија е заинтересирана за стабилен регион.
Соговорниците, исто така, се осврнаа и на резултатите од последниот состанок на премиерите на земјите од Западен Балкан во Брисел, на кој е утврдена главната транспортна инфраструктурна мрежа како основа за подобрување на поврзаноста помеѓу земјите на Западен Балкан и како предуслов за привлекување на странски инврститори и забрзан економски развој. Република Македонија останува целосно посветена на продлабочување на регионалната соработка и максимално активно ќе учествува во овој значаен процес.
Вицепремиерот Бесими истакна дека реформскиот процес и евроатланската интеграција на земјата е темелна заложба на Владата на Република Македонија, нагласувајќи дека и покрај предизвиците со кои се соочуваме во моментот посветеното работење за унапредување на стандардите во секоја општествена сфера и унапредување на можностите за сите граѓани продолжува со истиот интензитет.
Вицепремиерот Бесими ја изрази својата благодарност за директната поддршка која Република Македонија и Секретаријатот за европски прашања ја добива од Германија како многу важен стратешки партнер, преку канцелариите на Германското друштво за меѓународна соработка-ГИЗ како и преку ИПА твининг проектот, конзорциум од три земји каде Германија е главен партнер, во соработка со Полска и Хрватска.
На крајот, од двете страни беше истакната важноста и потребата од надминување на предизвиците со кои се соочува државата на внатрешен и надворешен план со цел што поскоро зачленување на Република Македонија во Европската Унија.