Новости
среда, 08 април 2015 15:26
Државниот секретар Ана Блажеска, вчера (7.4.2015 г.) оствари работна средба со Aрлем Десир, Државен секретар во Министерството за надворешни работи на Франција, во Париз.
За време на средбата, Државниот секретар Блажеска ја истакна важноста на процесот на европската интеграција за Република Македонија, како и заложбата на македонските институции за исполнување на реформските процеси во целост, истакнувајки дека европската интеграција останува клучен стратешки приоритет на нашата земја. Во тој контекст, нагласи дека од страна на Владата се следи реализацијата на селектираните приоритети врз основа на препораките на Европската Комисија, кои се клучни во процесот на пристапување во ЕУ.
Меѓу другото беше истакната и потребата од засилена поддршка на европските партнери, се со цел поскоро отпочнување на пристапните преговори.
Државниот секретар Блажеска нагласи дека помошта и поддршката која македонските институции ја добиваат од Франција преку ИПА и билатералната соработка се од голема важност за унапредување на работата на институциите кои се опфатени од тие проекти. Франција останува партнер во насоката на побрза и поефикасна интеграција на Македонија во ЕУ.
Државниот секретар Десир ја истакна поддршката која ја дава Франција за членство на Република Македонија во Европската Унија. Франција и досега беше поддржувач на процесот на отпочнување на преговори и беше истакната потребата од целосно имплементирање на препораките од Европската Комисија искажани во годишниот извештај за напредок.
На крајот, од двете страни беше истакната важноста и потребата од вклучување и придонес од страна на сите политички и општествени чинители во насока на остварување на долгогодишната стратешка цел – членство на Република Македонија во Европската Унија.