Новости
понеделник, 06 април 2015 15:46
Заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања д-р Фатмир Бесими, оствари работна средба со Дидие Рејндерс, заменик премиер и министер за надворешни работи на Кралството Белгија, кој претстојува во официјална посета на Република Македонија.
За време на средбата, Вицепремиерот Бесими ја истакна важноста на процесот на европската интеграција за Република Македонија, истакнувајки дека европската интеграција останува клучен стратешки приоритет на нашата земја. Во тој контекст, нагласи дека од страна на Владата се следи реализацијата на селектираните приоритети врз основа на препораките на Европската Комисија, кои се клучни во процесот на пристапување во ЕУ, како што се слободата на изразување и медиумите, судството, меѓуетничките односи, добрососедските односи, регионалната соработка и зголемување на економскиот раст и вработувањето.
Меѓу другото беше истакната и потребата од засилен интерес и преземање на конкретни чекори од сите страни вклучувајки ја и Европската Унија во насока на надминување на препреката наметната со долгогодишниот спор со името, со цел што поскоро отпочнување на пристапните преговори.
Во поглед на актуелната политичка ситуација Вицепремиерот Бесими истакна дека неопходно е одново воспоставување на функционален политички дијалог во насока на што работи и тројката од Европскиот Парламент со цел надминување на предизвиците и чекорење по стратешки дефинираниот европски пат.
Министерот за надворешни работи Рејндерс ја истакна поддршката која ја дава Белгија за членство на Република Македонија во Европската Унија. Во поглед на актуелните политички збиднувања тој укажа дека е важно да се воспостави политички дијалог во земјата. Во текот на разговорот акцент беше ставен на имплементацијата на Охридскиот рамковен договор и меѓуетничките односи, како солидна основа за понатамошен напредок и развој.
Белгија припаѓа на групата од 15 земји членки на ЕУ кои во пресрет на одржувањето на минатогодишниот состанок на Европскиот совет го поддржаа почетокот на пристапните преговори и се залагаа за одржување на темелна дискусија во Советот на ЕУ за иднината на евро-интегративниот процес на Република Македонија.
На крајот, од двете страни беше истакната важноста и потребата од вклучување и придонес од страна на сите политички и општествени чинители во насока на остварување на долгогодишната стратешка цел – членство на Република Македонија во Европската Унија.