Новости
петок, 06 март 2015 13:02
Денес, Секретаријатот за европски прашања, како институција координатор на севкупното учество на Република Македонија во Програмите и Агенциите на Унијата заедно со Германското друштво за меѓународна соработка – ГИЗ одржаа настан Презентација на новите програми на Унијата достапни за Република Македонија и промоција на брошурата “Програми на унијата 2014-2020”.
На настанот свое обраќање имаа Заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања и Национален ИПА координатор, д-р Фатмир Бесими и претставници на Делегацијата на ЕУ и на Германското друштво за меѓународна соработка – ГИЗ.
Програмите на Унијата ја опфаќаат скоро секоја област на социо-економскиот живот на европските граѓани и тоа: образование, култура, млади, медиуми, социјални прашања, развој на мали и средни претпријатија, животна средина, транспорт, јавно здравје, правна соработка, борба против насилството, криминал, тероризам, информатичко општество, царина и даноци.
Овие програми достапни за граѓаните на Република Македонија, на граѓанскиот сектор, академската заедница, универзитетите, студентите, претпријатијата, државните институции им овозможуваат преку вмрежување и мобилност да се здобијат со меѓународно искуство и знаење како и можност за остварување на добри практики, зајакната конкурентност, иновативни идеи, имплементирање на програми со европски вредности и др.
Во своето обраќање Вицепремиерот Бесими истакна дека, за периодот 2014 – 2020 година влезните билети, како услов за учество во програмите се предвидени во висина од 70 милиони евра, од кои 46,6 милиони евра средства од ИПА и 24,2 од национален буџет.
Република Македонија до сега ги има потпишано Договорите за Пристапување за следните програми: Еразмус + (мај 2014), Хоризонт 2020 (јули 2014), Креативна Европа-Култура (јули 2014), КОСМЕ (септември 2014), Фискалис (октомври 2014), Царина (октомври 2014), Европа за граѓаните (декември 2014), Механизам за цивилна заштита, Вработување и социјални иновации и отворена е можноста за учество во Живот +, со што им овозможува на граѓаните нивно користење.
За периодот 2007-2013 Република Македонија има платено учество во Програмите во висина од 11 милиони евра, од кои 3 милиони евра од Буџетот на Република Македонија и 8 милиони евра од ИПА, од кои искористени се околу 20 милиони евра за преку стотици проекти.
Предизвик за Секретаријатот за европски прашања е да се воспостави поширока промоција на можностите во правец на подобро искористување на овие програми со цел подобар живот на граѓаните.