Новости
четврток, 26 февруари 2015 13:39
Заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања д-р Фатмир Бесими, оствари средба со делегација на Партијата на европски социјалисти, ПЕС, предводена од Претседателот на партијата Сергеј Станишев. Дел од делегацијата беа и Ричард Ховит, член на Европскиот парламент, Евгени Кирилов, член на Европскиот парламент, Џакомо Филибек, заменик генерален секретар на ПЕС, Томас Маес, Генералниот секретар на младите европски социјалисти и претставници на други партии-членки на ПЕС.
На почетокот на средбата Вицепремиерот Бесими го поздрави усвојувањето на Резолуцијата за Република Македонија од страна на Комитетот за надворешни прашања на Европскиот парламент (АФЕТ).
На средбата се разговараше за процесот на европската интеграција на Република Македонија како и клучните активности предвидени со Акцискиот план на селектираните приоритети и активностите во насока на продолжување на пристапниот дијалог на високо ниво - ПДВН.
Дискутирани беа и предизвиците со кои се соочува земјата во насока на нивно надминување и постигнување на дополнителен напредок во наредниот период. Од двете страни беше истакната важноста и потребата од инклузивен политичкиот дијалог, за што од страна на Вицепремиерот Бесими беше упатена благодарност за заложбите од страна на Европскиот парламент во таа насока.
На крајот на состанокот Вицепремиерот искажа уверување дека исклучително е важно последните случувања да се надминат на начин кој ќе ја докаже функционалноста на владеење на правото, слободата на изразување и фундаменталните човекови права. Со тоа да и се овозможи на Македонија да остане фокусирана на Евро-атланските интеграции како клучен стратешки приоритет.