Новости
петок, 20 февруари 2015 16:45
Заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања д-р Фатмир Бесими, денеска оствари средба со новоименуваниот амбасадор на Соединетите Американски Држави во Република Македонија, Н.Е. Џес Бејли.
На средбата Заменик претседателот Бесими му честиташе на Бејли за новата функција, посакувајќи му успешна работа во остварувањето на работните ангажмани и изрази подготвеност за продолжување и унапредување на досегашната успешна соработка во сите области од заеднички интерес. Воедно се заблагодари за поддршката која Република Македонија ја добива од Соединетите Американски Држави во процесот за отпочнување на преговори за членството во Европската Унија.
На средбата се разговараше за процесот на европската интеграција на Република Македонија како и клучните постигнувања и предизвици со кои се соочува земјата во насока на надминување на истите и постигнување на дополнителен напредок во наредниот период.
На состанокот вицепремиерот Бесими потенцираше дека Евро-атлантската интеграција останува клучен стратешки приоритет на нашата земја, а Владата и понатаму продолжува со реализација на активностите предвидени со Акцискиот план на селектираните приоритети.
Амбасадорот Бејли потенцираше дека Соединетите Американски Држави искрено ќе продолжат да ги поддржуваат сите значајни демократски процеси, како и што поскоро зачленување на Република Македонија во НАТО и Европската Унија.
Двајцата соговорници истакнаа дека добрите билатерални односи помеѓу двете земји и понатаму ќе продолжат со исто темпо и динамика, и со заеднички пристап и поддршка ќе придонесат во подобрување на состојбите и реализацијата на реформите во секоја општествена сфера.