Новости
среда, 04 февруари 2015 15:39
Заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања д-р Фатмир Бесими престојува во работна посета на Соединетите Американски Држави.
За време на посетата вицепремиерот Бесими оствари средба со Хојт Брајан Ји, заменик помошник на државниот секретар на Американскиот Стејт Департмент задолжен за Европа и Евроазија, со директорот за Балкан, Црно Море и Кавказ на Националниот совет за безбедност, Саманта Смит, како и американскиот конгресмен Елиот Енгел. На состаноците од страна на Вицепремиерот Бесими беше истакната благодарност за долгогодишната отворената подршка, како и за континуираната заложба на Соединетите Американски Држави за евро-атланските интеграции на Македонија и земјите од Западен Балкан.
Соговорниците се осврнаа на евро-атлантските интеграции, како и на актуелните теми и предизвици со кои се соочува Република Македонија. Меѓудругото, беше разговарано за формите и можноста за искористување на механизмите кои ќе придонесат за поинтензивна соработка во остварување на стратешките цели на државата.
Од страна на соговорниците се истакна значењењто на реформскиот процес и исполнувањето на критериумите за членство во Европската Унија и НАТО, но истовремено беше нагласена потребата од надминување на предизвиците со кои е соочена Република Македонија.
Бесими ги запозна соговорниците дека во рамки на европската интеграција, Владата веќе има усвоено и ја следи реализацијата на Акцискиот план на селектирани приоритети врз основа на препораките на Европската Комисија, кои се клучни во процесот на пристапување во ЕУ, како што се: слободата на изразување и медиумите, судството, меѓуетничките односи, реформите во јавната администрација, добрососедските односи, регионалната соработка и изборните реформи. Од голема важност е да се постигне напредок во овие области, вклучително и политичкиот дијалог.
На состанокот беше нагласена потребата од забрзување на интегративните процеси, за кои, покрај реформите, неопходно е надминување на долгогодишниот спор за името, за што е потребен интерес и ангажман од сите чинители кои може да го помогнат тој процес, особено САД. Притоа беше подвлечено дека членството во ЕУ и НАТО останува приоритет за Република Македонија.
Во рамки на посетата Вицепремиерот Бесими учествуваше на дискусија на тема “Македонија: Може ли да и се приклучи на ЕУ?“ модерирана од страна на американскиот аналитичар Даниел Сервер, одржана на Универзитетот Џон Хопкинс.
Во текот на утрешниот ден, Вицепремиерот Весими ке учествува на Молитвениот покадок заедно со останатиот дел од делегацијата од Република Македонија составена од пратеници и останати јавни личности и претставници од бизнис заедницата.
Исто така, заменик претседателот на Владата Фатмир Бесими ќе даде интервју за Гласот на Америка на македонски и албански јазик.