Новости
четврток, 22 јануари 2015 15:15
Денес (22.01.2015) во просториите на Секретаријатот за европски прашања, заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања д-р Фатмир Бесими, оствари прва официјална средба во Р. Македонија со новиот директор задолжен за Западен Балкан, во Генералниот Директоратот за европска соседска политика и преговори за проширување на Европската комисија, Жан Ерик Паке, со г-дин Аиво Орав, Шеф на Делегацијата на ЕУ, претставници на Европската Комисија и претставници на Делегацијата на Европската Унија.
На почетокот на средбата вицепремиерот Бесими му упати честитки на директорот Паке за неговата нова функција, посакувајќи му успешно да ги реализира зацртаните цели во рамките на неговите надлежности.
На средбата се дискутираше за клучните приоритети на Република Македонија во процесот на европската интеграција, како и нејзините перспективи и реформите кои се преземаат за реализација на европската агенда, како и за очекувањата на Република Македонија од Европската комисија во делот на политиката за проширување.
Вицепремиерот Бесими истакна дека и покрај должината на процесот, Евро-атлантската интеграција останува клучен стратешки приоритет на нашата земја и дека Владата напорно работи во спроведување на зацртаните реформи. Во тој контекст, нагласи дека Владата веќе има усвоено и ја следи реализацијата на акцискиот план на селектирани приоритети врз основа на препораките на Европската Комисија, кои се клучни во процесот на пристапување во ЕУ, како што се: слободата на изразување и медиумите, судството, меѓуетничките односи, реформите во јавната администрација, добрососедските односи, регионалната соработка и изборните реформи. Но истовремено ја нагласи потребата од засилен интерес и преземање на конкретни чекори од страна на Европската Унија во насока на надминување на препреката наметната со долгогодишниот спор со името, со цел што поскоро отпочнување на пристапните преговори.
Од страна на Вицепремиерот Бесими уште еднаш беше иницирано одржување на Регионална министерска конференција за евроинтеграциските процеси на земјите од регионот, што беше поздравено од страна на соговорниците.
Беше дискутиран и статусот на спроведување на ИПА и Акцискиот план за подобрување на искористеноста врз основа на научените лекции од претходниот период во светло на ИПА II.
Директорот Паке, ја истакна својата подготвеност за овозможување на понатамошен придонес за поддршка на реформските процеси во нашата земја и изрази надеж дека конечното пристапување на Република Македонија позитивно ќе влијае за развој на државата и регионот.
На состанокот беше истакнато дека проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан останува во агендата на Европската Унија и Европската Комисија. Тие очекуваат Република Македонија да продолжи со реализација на ЕУ агендата.
Во текот на утрешниот ден дискусиите во доменот на ИПА ќе продолжат во рамките на Заедничкиот работен комитет за следење на сите компоненти од ИПА.