Новости
петок, 19 декември 2014 16:24
Во Брисел се одржа дводневниот Самит на Европскиот совет на кој лидерите на земјите членки на Унијата ги дискутираа предизвиците на Европската Унија како што се проширувањето и економскиот развој.
На одржаниот самит се потврди фактот дека проширувањето останува клучна цел за Европската Унијата која придонесува кон зачувување и унапредување на взаемните придобивки како што се мирот, безбедноста и економскиот развој. Се заклучи дека проширувањето е од суштинско значење во насока на задржување на моментумот на спроведување на реформите и задржување на поддршката на целокупната јавност за приклучување кон Европската Унија .
Советот го поздрави фактот дека европската агенда останува стратешки приоритет за Република Македонија и се согласува со проценката на Комисијата дека земјата има високо ниво на усогласување на законодавството со правото на ЕУ и задоволително ги исполнува политичките критериуми. Советот, исто така, ја има предвид препораката на Комисијата за отворање на преговорите за членство на Република Македонија во Европската Унија и во 2015 повторно ќе се наврати на ова прашање при што ќе ги земе предвид ажурираните заклучоци дадени од страна на Комисијата за спроведување на реформите, вклучувајќи го и Пристапниот дијалог на високо ниво (ПДВН), превземените чекори околу добрососедските односи и изнаоѓањето на взаемно прифатливо решение за прашањето за името со Република Грција.
Забелешките на Европскиот совет за Република Македонија беа воглавно за независноста на судството, слободата на медиумите, деполитизацијата на институциите, политичкиот дијалог и меѓуетничките односи, области кои се поставени како приоритетни во Нацрт акцискиот план на Владата на Република Македонија, за кои веќе се поставени краткорочни и среднорочни цели и активности кои треба да се преземат како и временска рамка за нивно реализирање. Воедно Советот препорача Владата и опозицијата да ја развијат политичката дебата во Собранието на Република Македонија, со што би се придонело кон понатамошно унапредување на реформскиот процес на земјата.