Новости
петок, 12 декември 2014 16:19
Денес, во просториите на Владата на Република Македонија се одржа Донаторска координативна средба на тема “Статусот на програмирањето на ИПА 2 (2014-2020)” каде Заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за eвропски прашања и Национален ИПА координатор, д-р Фатмир Бесими, имаше свое обраќање пред амбасадорите на Европската Унија и високи претставници од донаторската заедница присутни во Република Македонија.
На денешната координативна средба беа презентирани и сумирани постигнувањата направени со ИПА 2 во текот на 2014 година, како и превземање на следните чекори и аспекти релевантни за успешна имплементација на ИПА II и друга донаторска помош.
Во рамки на своето обраќање Вицепремиерот Бесими истакна дека Инструментот за претпристапна помош 2014-2020 или познат како ИПА 2, е цврст доказ за партнерството и силната поддршка која Република Македонија ја добива од страна на Европската Унија.
Во изминатиот период Владата на Република Македонија и државните институции активно работеа во насока на креирање на Националниот стратешки документ ИПА 2, а со цел постигнување на поголема инклузивност и транспарентност на процесот во креирањето на Националниот стратешки документ беше вклучен и граѓанскиот сектор.
Со овој инструмент на Република Македонија ќе и бидат на располагање вкупно 664,2 милиони евра за реализација на конкретни и стратешки приоритети од повеќе области меѓу кои демократија и владеење, владеење на правото и човекови права, животна средина и климатски акции, транспорт, конкурентност и иновации, образование, вработување и социјални политики, хоризонтални механизми за меѓу-институционална соработка, земјоделство и рурален развој.
Во рамки на повеќегодишните програми во транспортниот сектор и секторот животна средина и климатски акции за периодот 2014-2020 испрограмирани се по 113 милиони евра, за владеење на правото и основните права за периодот 2014-2016, 23,8 милиони евра, за внатрешни работи во рамки на владеење на правото за 2014 год. 7 милиони евра, за конкурентност и иновации за покривање на 2014 год. 18 милиони евра, за интеграција во ЕУ за покривање на 2014 год. 8 милиони евра, за ЕУ програмите и агенциите за покривање на 2014 год. 6.7 милиони евра
На крајот на своето излагање Вицепремиерот истакна дека овој тип на средби се од суштинско значење за ефикасна координација на политиките за развој, за да се обезбеди заедничка заложба за подобра употреба на странска помош, со цел да се исполнат приоритетите за развој на земјата.