Новости
среда, 10 декември 2014 14:18
Заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања д-р Фатмир Бесими за време на неговата посета во Република Словачка, оствари средба со Заменик Претседателот на Владата на Република Словачка за надворешни работи и европски прашања, г-дин Мирослав Лајчак.
На почетокот на средбата вицепремиерот Бесими и Лајчак разговараа за добрите билатерални односи меѓу Република Македонија и Република Словачка и за можностите за понатамошно продлабочување на истите, во насока на разменување на искуства околу спроведувањето на реформите и приближување на земјата кон Европска Унија и искористување на европските фондови.
Бесими на средбата разговараше за евроинтегративниот процес на Република Македонија и за заложбите на Владата во спроведувањето на агендата на ЕУ која претставува клучен стратешки приоритет на нашата земја.
“Декемврискиот самит на Европскиот совет претставува одлична можност за земјите кои ја подржуваат Република Македонија во евроинтегративнот процес, да ја изразат нивната подршка и со тоа на Македонија да и се даде зелено светло за започнување со преговорите за членство во ЕУ“ – рече Бесими.
Околу Извештајот на Европската комисија за напредок на Република Македонија за 2014 година, Бесими рече дека е од клучна важност добивањето на шестата препорака за започнување на преговорите за пристапување кон ЕУ, кое е битно не само за продолжување со реформскиот процес, туку и за задржување на фокусот во исполнувањето на обврските кон ЕУ. Извештајот на ЕК дава објективен одраз на постигнатиот напредок, како и за препораките во областите што се бара поголем напредок во иднина. Во врска со наодите на Извештајот, Бесими истакна дека Владата веќе има спремено Нацрт акциски план каде се предвидени краткорочни и среднорочни активности и временска рамка за нивна реализација во клучните области како што се реформите во правосудството, борбата против корупцијата и организираниот криминал, слободата на изразување и медиумите, меѓуетнички односи, реформи во администрацијата, економските реформи итн.
Меѓу другото, вицепремиерот Бесими потенцираше дека подготвеноста на Европската комисија за продолжување со Пристапниот дијалог на високо ниво (ПДВН) е од голема важност за Република Македонија и дека сме подготвени да ги одредиме следните приоритети во оваа насока, со цел одржување на позитивниот моментум и динамиката на реформите во насока на приближување на земјата кон ЕУ и покрај долгото чекање за добивање на официјалниот датум за преговори.
За време на неговиот престој во Република Словачка вицепремиерот Бесими се сретна и со претседателот на Комисијата за европски прашања г-дин Љубош Блаха, каде уште еднаш се потврди подршката што Република Словачка и ја пружи на Република Македонија во евроинтеграцискиот процес. Двајцата соговорници разговараа за понатамошното продлаболчување на постоечките добри билатерлани односи во насока на размена на искуствата и блиската соработка во области од взаемен интерес.