Новости
вторник, 09 декември 2014 12:44
Заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања д-р Фатмир Бесими, денеска оствари средба со директорот во Директоратот за проширување на Европската Комисија, г-ѓа Александра Кас Грање.
За време на средбата се дискутираше за клучните приоритети на Република Македонија во процесот на европската интеграција, како и нејзините перспективи и реформите кои се преземаат за реализација на европската агенда.
Вицепремиерот Бесими истакна дека Евро-атлантската интеграција останува клучен стратешки приоритет на нашата земја, а Владата и понатаму продолжува да ги спроведува потребните реформи и мерки за понатамошно правно и институционално приближување кон Европската Унија.
На состанокот се разговараше за остварувањата во рамките на Акцискиот план и за активностите предвидени со Националната програма за усвојување на правото на Европската Унија (НПАА), како и за приоритетите кои се клучни во процесот на пристапување во Европската Унија, утврдени со Пристапниот дијалог на високо ниво, како што се: слободата на изразување и медиумите, судството, борбата против корупцијата и организираниот криминал, меѓуетничките односи, реформите во јавната администрација, добрососедските односи, регионалната соработка и зголемување на економскиот раст и вработувањето.
Исто така, вицепремиерот Бесими нагласи дека Владата на Република Македонија, како и националните ИПА структури се посветени на подобрување на ефикасноста и ефективноста на воспоставениот децентрализиран систем за спроведување (ДИС) на ИПА. Оттука со конкретни мерки и рокови, директно се работи на подобрување на работењето на овие структури, како и редовно следење на направениот напредок од страна на Владата на Република Македонија. Зајакнувајќи го сегашниот ДИС систем и прилагодувајќи го на новите трендови за спроведување, коишто како новина се внесуваат од 2015 година, Владата очекува директно влијание врз зголемување на апсорпцискиот капацитет за ИПА I и II, но и стабилен тек на спроведување на проектите.
Во исто време Владата продолжува да ги дефинира областите и активностите за финансирање преку ИПА II. Имено по официјалното одобрување на ИПА Програмата за 2014, се започна новиот циклус на програмирање на ИПА Програмата за 2015, којшто треба да се комплетира до крајот на првата половина од 2015 година.
Соговорниците ја истакнаа определбата на Република Македонија за членство во Европската Унија и во НАТО алијансата, како и тоа дека сите субјекти треба да работат на реформите, а политичкиот дијалог да се обезбедува со конструктивен и одговорен однос во рамките на институциите што ќе биде од значење за интеграциите на нашата земја.
Денешната среба помеѓу вицепремиерот Бесими и г-ѓа Александра Кас Грање е последна средба, по повод завршување на нејзиниот мандат како директор во Директоратот за проширување на Европската Комисија.