Новости
петок, 05 декември 2014 13:40
Заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања д-р Фатмир Бесими, денеска оствари средба со новиот известувач за Република Македонија во Европскиот парламент, Иво Вајгл.
На почетокот на средбата вицепремиерот Бесими му честиташе на Вајгл за новата функција, посакувајќи му успешна работа во остварувањето на работните ангажмани и изрази подготвеност за продолжување и унапредување на досегашната успешна соработка во сите области од заеднички интерес. Воедно се заблагодари за поддршката која Република Македонија ја добива во континуитет од Европскиот парламент на реформите и европската агенда, како и за поддршката на процесот за отпочнување на преговори за членство во Европската Унија.
Вицепремиерот Бесими истакна дека Евро-атлантската интеграција останува клучен стратешки приоритет на нашата земја, а Владата и понатаму продолжува со силни напори да ги спроведува потребните реформи и мерки за понатамошно правно и институционално приближување кон Европската Унија.
Исто така, на состанокот се дискутираше и за Акцискиот план изготвен врз основа на препораките на Европската Комисија и за приоритетите кои се клучни во процесот на пристапување во ЕУ, утврдени со Пристапниот дијалог на високо ниво, како што се: слободата на изразување и медиумите, судството, борбата против корупцијата и организираниот криминал, меѓуетничките односи, реформите во јавната администрација, добрососедските односи, регионалната соработка и зголемување на економскиот раст и вработувањето.
Европратеникот Вајгл ја истакна својата подготвеност за овозможување на понатамошен придонес за поддршка на соработката и за реформските процеси во нашата земја, од аспект на неговиот личен ангажман и од аспект на Европскиот парламент. Истовремено известувачот за Македонија во Европскиот парламент повлече неопходноста за изнаоѓање на решение во врска со бојкотот на собранието од страна на опозицијата како и сериозноста на прашањата врзани за медиумите, граѓанското општество и владеењето на правото. Тој изрази надеж дека конечното пристапување на Република Македонија позитивно ќе влијае за развој на државата и регионот.
На крајот, соговорниците истакнаа дека соработката помеѓу Република Македонија и Европскиот Парламент, како и досега ќе продолжи со силно темпо и динамика, и со заеднички пристап и поддршка во понатамошното подобрување на состојбите и реализација на реформите во секоја општествена сфера.