Новости
четврток, 04 декември 2014 13:39
Заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања д-р Фатмир Бесими, денеска во Брисел се сретна со членот на Европската Комисија одговорен за соседска политика и преговори за проширување, Јоханес Хан.
Бесими на почетокот на средбата му честиташе на Комесарот Хан за неговата нова функција, посакујвајќи му успешно реализирање на зацртаните цели, во рамките на неговите проширени надлежности.
На средбата фокусот беше ставен на напорите на Владата на Република Мкедонија во насока на спроведување на реформите кои се нопходни за успешна реализација на евроинтегративниот процес на нашата земја. Бесими, во тој контекс, истакна дека Владата веќе има подготвено Нацрт-акциски план на селектирани приоритети со кој се предвидени конкретни активности и временска рамка за нивна реализација во клучните областите врз основа на наодите во Извештајот за напредокот, како што се реформите во правосудството со цел да се подобри квалитетот на правдата и довербата на јавноста во системот, слободата на изразување и медиумите, подобрувањето на меѓуетничките односи, реформата на јавната администрација, добрососедските односи и регионалната соработка, и изборната реформа согласно препораките на ОБСЕ/ОДИХР, ефикасно користење на ИПА фондовите итн.
Еврокомесарот Хан, укажа на потребата на политичко единство во Република Македонија за ЕУ интеграциите како одговор на јасната определба на мнозинството граѓани на Република Македонија, кои ја гледаат иднината на Република Мкедонија во ЕУ и додаде дека само преку посветено работење, отвореност, партнерство и заедничко изнаоѓање на решенија за отворените прашања со соседните држави, Република Македонија и другите земји од Западен Балкан ќе успеат да ги надминат предизвиците и да станат полноправни членки на Европската Унија. Тој потенцираше дека проширувањето на ЕУ е составен дел од агендата на Европската Унија и дека Европската комисија е подготвена да и помогне на Македонија во спроведувањето на реформскиот процес.
Бесими, притоа потенцираше дека е потребно да се задржи кредибилитетот на политиката на проширување и да се задржи фокусот на процесот на реформите во земјата преку инструмент кој ќе ги мобилизира сите фактори, како што е веќе воспоставениот Пристапен дијалог на високо ниво (ПДВН). Тој додаде дека Македонија е подготвена да продолжи со истиот што поскоро, со цел да се задржи динамиката во спроведувањето на реформите и да се спречи евентуалниот застој во оваа насока заради долгото чекање за одредување на датум за преговори.
Вицепремиерот Бесими, побара посилна поддршка од еврокомесарот Хан и Европската комисија, на претстојниот декемвриски Самит на Европскиот совет. Исто така, се согласија за посета на Македонија од страна на еврокомесарот Хан во блиска иднина.