Новости
вторник, 02 декември 2014 15:25
Заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања д-р Фатмир Бесими, кој престојува на работна посета во Република Франција, оствари средба со Министерот за европски прашања на Република Франција, г-дин Харлем Дезир, со кого разговараа околу добрите односи меѓу Република Македонија и Република Франција кои се отворени и постои конструктивен дијалог за континуирано продлабочување на соработката на повеќе области од взаемен интерес. Министерот Дезир, истакна дека Франција потполно ја подржува Македонија во реализацијата на стратешките цели за интеграција во Европска Унија и НАТО.
Бесими, осврнувајќи се на реформите што се спроведуваат во Република Македонија, истакна дека Владата вложува напори во остварувањето на ЕУ агендата која претставува клучна стратешка цел на земјата. Детално е разгледан Извештајот од Европската Комисија за напредок на Република Македонија и според наодите на извештајот подготвен е Нацрт-акциски план каде се предвидени краткорочни и среднорочни цели кои ќе бидат насочени кон подобрување на состојбата во приоритетните области како што се судството, слободата на изразување и медиумите, економскиот развој, добрососедските односи итн. – истакна Бесими.
Воедно, Бесими додаде дека Македонија со досегашните спроведени реформи веќе е спремна за започнување на преговорите за членство во Европската Унија, па затоа поддршката на Франција во претстојниот декемвриски самит на Европскиот Совет, би била добредојдена имајќи предвид дека Франција е една од земјите членки на ЕУ која ја подржува интеграцијата на земјите од Западен Балкан. Преку интегрирањето на земјите од Западен Балкан, меѓусебната соработка и изнаоѓањето на решенија за отворените прашања, ќе се придонесе во зајакнувањето на стабилноста во регионот – истакна Бесими.
Вицепремиерот Бесими се сретна и со пратеникот на Националното собрание, г-дин Филип Дурон, претседател на Групата за француско-македонско пријателство, со кого разговараше за можностите за продлабочување на соработката меѓу двете земји во области од взаемен интерес, за можностите за размена на искуства во зајакнувањето на државната администрација, апсорбирањето на европските фондови, економскиот развој, намалувањето на невработеноста, справувањето со предизвиците што ги носи глобализацијата, итн.
Во текот на денот, вицепремиерот Фатмир Бесими ќе учествува и на симпозиум организиран од Центарот за меѓународни студии и истражувања (CERI), на тема „Европската интеграција на Балканот - што понатаму?“, каде ќе учествуваат и Почесниот директор на Европската Комисија на Генералниот Директорат за проширување, г-дин Пјер Мирел, Директорот на Европската иницијатива за стабилност, г-дин Гералд Кнаус и академци од Универзитетот на Грац кои ќе дискутираат за значењето на интеграцијата на Балканот во ЕУ, предизвиците и поволностите од приклучувањето на овие земји во Унијата.
За време на неговиот престој во Париз, во текот на утрешниот ден, заменик претседателот на Владата задолжен за Европски Прашања, г-дин Бесими, ќе се сретне со Претседателот на комисијата за европски прашања, г-ѓа Даниеле Аурои.