Новости
понеделник, 01 декември 2014 14:37
Денес, во просториите на Министерството за финансии, Заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања д-р Фатмир Бесими, Министерот за финансии г-дин Зоран Ставревски, г-дин Аиво Орав, шеф на Делегацијата на ЕУ и Рејмонд Бордо, Програмски лидер за Југоисточна Европа од Светска Банка ја потпишаа Спогодбата за финансирање помеѓу Владата на Република Македонија и Европската унија, претставувана од Европската комисија за Националната програма – дел II за 2013 година, со дополнителните документи, во рамките на Инструментот за претпристапна помош (централизирано управување) со вкупен буџет од 18 милиони евра. Од страна на вицепремиерот Бесими и г-дин Аиво Орав, беше потпишана и Спогодбата помеѓу Европската комисија, во име на Европската унија и Република Македонија за дополнување на Повеќегодишната спогодба за финансирање 2007-2012, за ИПАРД помошта од Компонентата 5 од Инструментот за претпристапна помош со буџет од 2 милиони евра.
Потпишувањето на Спогодбите претставува уште еден показател за континуираните заложби на Владата на Република Македонија за максимално искористување на средствата достапни во рамки на ИПА помошта, каде што се обезбедуваат дополнителни средства за финансирање на проекти во секторот земјоделство и рурален развој, како еден од секторите со приоритетно значење за економскиот развој на Република Македонија.
Спогодбата за финансирање на ТАИБ дел II за 2013 година во рамките на Инструментот за претпристапна помош (централизирано управување) се однесува на програма сочинета од еден проект, каде што најголем дел од средствата во износ од 15,5 милиони евра ќе бидат наменети за финансирање на тековниот проект на Светска банка за Подобрување на општинските услуги и тоа во делот на руралната инфраструктура, каде што ќе се овозможи финансирање на инфраструктурни проекти во руралните средини.
Додека Спогодбата за ИПАРД помошта од Компонентата 5 од Инструментот за претпристапна помош, се однесува на последниот износ на средства што ЕК и ги доделува на Република Македонија во програмскиот период 2007-2013 година, со вкупен износ од 2,1 милиони евра кои што се наменети за објавување на јавни повици во рамки на ИПАРД програмата, со што вкупниот износ на располагање во моментов досгитнува околу 36 милиони евра.
Двете програми во својата комплементарност ќе послужат за финансирање на различни проекти во земјоделството и руралниот развој наменети за инвестиции во земјоделски стопанства, инвестиции во преработка и маркетинг на земјоделски и рибји производи и за диверзификација на економски активности во руралните средини.