Новости
среда, 19 ноември 2014 15:56
Заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања д-р Фатмир Бесими, денеска се сретна со амбасадорот на Кралството Норвешка, Н.Е Нилс Рагнар Камсвог.
На средбата се разговараше за процесот на европската интеграција на Република Македонија како и клучните постигнувања и предизвици со кои се соочува земјата нотирани во октомврискиот Извештај на Европската комисија во насока на надминување на предизвиците и постигнување на дополнителен напредок до декемврискиот Совет на ЕУ.
На состанокот вицепремиерот Бесими подвлече дека Евро-атлантската интеграција останува клучен стратешки приоритет на нашата земја, а Владата и понатаму продолжува со силни напори да ги спроведува потребните реформите во судството, борбата против корупцијата и организираниот криминал, подобрување на меѓуетничките односи врз принципот на меѓусебна толеранција и почит и зголемување на економскиот раст и вработувањето.
Меѓудругото, Бесими истакна дека на Норвешка гледаме како на значаен партнер со високи потенцијали за развој на билатералната соработка и јакнење на административните капацитети во процесот на приближување кон ЕУ.
Норвешкиот амбасадор Камсвог, истакна дека Норвешка силно се залага за проширување на Европската Унија и ќе продолжи да ја подржува Република Македонија на овој пат, преку конкретни билатерални проекти за развојна и секторска соработка.
Двајцата соговорници истакнаа дека добрите билатерални односи и размената на искуства помеѓу администрацијата и останатите заинтересирани страни меѓу Република Македонија и Норвешка и понатаму ќе продолжат, исто така ќе се работи и на продлабочување на понатамошната соработка во приоритетните реформски области.