Новости
петок, 31 октомври 2014 20:53
Во просториите на Делегацијата на Европската Унија во Скопје Заменик претседателот на Владата на Република Македонија г. Фатмир Бесими денес имаше обраќање на работилницата “Програмите на Европската Унија како поволна можност: Добиени резултати и идни перспективи”. Настанот беше организиран од страна на Италијанската Амбасада во Скопје и Групацијата Латанцио.
Вицепремиерот Бесими истакна дека граѓаните на Република Македонија можат да учествуваат во следните програми на Унијата за програмскиот период 2014-2020 година, како што се: Хоризон 2020, Креативна Европа, КОСМЕ, Еразмус+, Програма за вработување и социјални иновации, Европа за граѓаните, Здравје, Живот+, Царина 2020, Даноци 2020 и други.
Секретаријатот за европски прашања како институција одговорна за координирање на процесот на пристапување на Република Македонија во програмите на Унијата, веќе подолго време соработува со министерствата и останатите институции околу пристапувањето на Република Македонија во Програмите на Унијата. Како резултат на оваа, истакна Бесими, Република Македонија во изминатиот период успешно учествува во Седмата рамковна програма за истражување, Рамковната програма за конкурентност и иновација, програмата “Прогрес“, “Култура“, “Млади во акција“, “Доживотно учење“, “Европа за граѓаните“, “Еразмус“, “Царина“, “Фискалис“ и други.
Заменикот претседател на Владата говорејќи за придобивките од Програмите на унијата ги издвои “Седмата Рамковна програма за истражување“, преку која за периодот 2007 - 2013 реализирани се 94 проекти со вкупен буџет од 11,7 милиони евра, Програмата “Европа за граѓаните“ во која нашата земја за периодот 2007-2013 година учествувала со 58 проекти во вкупен износ од околу 3,6 милиони евра, програмата “Доживотно учење и млади во акција“ каде од 2009-2013 година се финансираа 387 проекти, за кои беа доделени 3,1 милиони евра.
Вицепремиерот им се заблагодари на Италијанската амбасада и Групацијата Латанцио за организирањето на денешниот настан и разменетото искуство кое ќе придонесе кон подобрување на нашите капацитети во менаџирање и искористување на можностите кои се нудат преку Програмите на Унијата.
Програмите на Унијата имаат за цел да ја поттикнат соработката помеѓу државите членки во Унијата, но и земјите кандидати меѓу кои и Република Македонија кои може да учествуваат во нив преку плаќање на влезен билет.
Целта на Програмите е поттикнување на транснационалната соработка помеѓу владините институции, граѓанскиот сектор, средните и мали претпријатија, студентите и други субјекти, во доменот на секторските политики, олеснувањето на пристапот до информации, размената на искуства во образованието, истражувањето, младите, културата, социјалните прашања, даноците и друго.