Новости
четврток, 30 октомври 2014 15:36
Денес во просториите на Секретаријатот за европски прашања, Заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања, д-р Фатмир Бесими и Амбасадорот на Европската Унија, г-дин Аиво Орав, го промовираа Националниот стратешки документ ИПА II за 2014-2020 година. Беше потпишана и Спогодбата за финансирање за 2013 програмска година во рамките на ИПА I, Програмата за прекугранична соработка помеѓу Република Македонија и Република Грција.
Вицепремиерот Бесими истакна дека од 2014 година започна новиот седумгодишен период на планирање и спроведување на помошта што Европската унија ја доделува на Република Македонија, во рамките на новиот Инструмент за претпристапна помош 2014-2020 или уште познат како ИПА 2. Во изминатиот период Владата посветено работеше на ИПА 2, што подразбира интензивна консултација со државната администрација, граѓанскиот сектор и донаторската заедница во соработка со нашите партнери од Европската комисија. Со овој инструмент на Република Македонија ќе и бидат ставени на располагање вкупно 664,2 милиони евра за реализација на конкретни и стратешки приоритети од повеќе области, меѓу кои демократијата и владеењето, владеење на правото и човековите права, животната средина и климатските акции, транспорт, конкурентност и иновации, образование, вработување и социјални политики, хоризонтални механизми за меѓу-институционална соработка, земјоделство и рурален развој.
Во своето обраќање Амбасадорот Орав истакна дека овие средства се доказ за цврстото партнерство кое постои меѓу нас и дека се уверени дека еден ден ќе бидеме членка на Унијата. Додавајќи дека политиката на проширување на Европската Унија е една од најуспешните политики, ако не и најуспешната и верува дека така ќе остане.
Што се однесува на Спогодбата за финансирање за 2013 програмска година во рамките на ИПА I Програмата за прекугранична соработка меѓу Македонија и Грција, Вицепремиерот посочи дека со ова Спогодба, со која се затвара Инструментот ИПА I, се овозможува користење на дополнителни 1,59 милиони евра. Програмата за прекугранична соработка со Грција е најквалитетна соработка во рамките на ИПА I. Македонија и Грција веќе имаат потпишано шест вакви спогодби со кои се финансираат повеќе од 50 активни проекти со вкупен буџет од 11,4 милиони евра.
Меѓу другото, програмата даде и разнолик, широк спектар на проекти, односно беа покриени извонредно многу области од секојдневното живеење на граѓаните во програмскиот прекуграничен регион – како на пример: здравство, енергетска ефикасност, спорт, животна средина, грижа за децата, производство на органска храна, грижа за културното наследство, туризам, итн. Всушност, ова говори за одличниот квалитет на самото програмирање на оваа прекугранична соработка, уште во нејзините почетоци пред 2007 година.
Корисници на спогодбите најчесто се општините, спортските организации, здравствени установи, образовни институции, невладини организации и други субјекти.