Новости
вторник, 28 октомври 2014 15:20
Денеска во просториите на Секретаријатот за европски прашања се одржа првиот состанок на новоформираната ЕУ/ИПА комуникациска мрежа. Состанокот се одржа во присуство на Заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања, д-р Фатмир Бесими, амбасадорот на Европската Унија, г-дин Аиво Орав, амбасадорката на Република Франција, г-ѓа Лоренс Оер, и претставници на 31 државна институција, членки на мрежата.
Од страна на говорниците беше истакнато дека ЕУ/ИПА комуникациските координатори во иднина ќе имаат битна улога и одговорност во зголемувањето на видливоста на европските фондови, како и во обезбедување на транспарентност за добивање на помош од Европската унија и подигнување на свеста кај општата јавност за помошта од ЕУ во земјата, преку што ќе се придонесе кон поефикасно искористување на Фондовите. Тие укажаа дека проектите во државата ги следат приоритетите од реформите кои се неопходни за државата, а улогата на коминикациските координатори ќе биде да им доловат на граѓаните која е користа која проектот ја обезбедува во доближувањето кон стандардите на Европската Унија.
ЕУ/ИПА комуникациската мрежа се основаше во насока на имплементација на Општата комуникациска Стратегија за ИПА, која Владата на Република Македонија ја усвои минатата година, а која беше поддржана од страна на француската техничка помош.
Секретаријатот за европски прашања - во улога на НИПАК Секретаријат, презема значајна улога во управувањето и спроведувањето на оваа Стратегија и Акцискиот план за ИПА кој беше нејзин претходник, за што се испланирани конкретни активности за комуникација и видливост. На тој начин на јавноста ќе и биде овозможено интензивно да го следи овој процес, и тоа на ниво на транспарентност кое е во рамките на очекувањата и барањата од Европската унија за истото.
Во ИПА 2007-2013 година алоцирани се околу 614 милиони евра, во рамки на кои досега се реализирани и се во тек околу 650 проекти.
Во новиот програмски циклус 2014-2020 година во рамките на ИПА II за Република Македонија доделени се 664 милиони евра.