Новости
петок, 24 октомври 2014 15:08
Заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања, Фатмир Бесими, денеска имаше свое обраќање по повод одбележувањето на Денот на Обединетите нации, кое се одржа во Битола под наслов “Каков свет сакаме во 2030 година“, на кое учествуваа претставници од дипломатскиот хор, претставници од Владата на Република Македонија, претставници од академската заедница и др.
Вицепремиерот Бесими зборуваше за значењето на 24 октомври, Денот на Обединетите нации и улогата на ОН во справувањето со најголемите предизвици со кои се соочува целиот свет. Тој додаде дека ОН ја докажаа силната заложба за создавање на подобар свет за живеење, преку усвојувањето на декларацијата “Милениумски развојни цели“ во 2000 година, каде сите 193 земји-членки и многу меѓународни организации се приклучија за истите да бидат постигнати, а тие претставуваат искоренување на сиромаштијата и гладот, воведување на основно образование насекаде во светот, промовирање на правата на жените, намалување на смртноста кај родилките и децата, справување со ХИВ вирусот и другите болести, заштита и одржливост на животната средина и градење на одржливо партнерство.
Бесими, потсетувајќи на мотото на Европска Унија „Обединети во различноста“ рече дека верува во иднина каде светот може да биде обединет во целата негова различност - “Во 2030 година: Македонија во Европска унија! Свет на поголема еднаквост и повеќе можности. Свет со поголема солидарност и повеќе љубов. Свет во кој ќе живееме во поголема слобода и повеќе мир!“ – рече Бесими.
Тој истакна дека и граѓаните на Република Македонија стремат кон еднаквост и целина и дека со посветено работење и силна заложба во спроведувањето на европска агенда ја докажуваме нашата визија за една подобра иднина за сите нас.