Новости
петок, 17 октомври 2014 15:58
Во Секретаријатот за европски прашања на Владата на Република Македонија, денеска се одржа дискусија со граѓанскиот сектор по повод добивањето на Извештајот од Европската комисија за напредокот на Република Македонија за 2014 година, каде заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, д-р Фатмир Бесими дискутираше со присутните околу забелешките од Извештајот, разменувајќи на овој начин идеи и мислења околу истиот.
На почетокот од дискусијата Бесими рече дека СЕП цели кон продлабочување на соработката и на практиката на заедничка работа и консултирање со граѓанските организации за политиките релевантни за процесот на пристапување, што беше нотирано и во Извештајот, каде Секретаријатот за европски прашања е наведен како институција која има направено чекор напред во продлабочувањето на соработката и зајакнувањето на меѓусебна координација со граѓанските организации.
Коментирајќи го Извештајот за напредок од Европската комисија, вицепремиерот Бесими, истакна дека е од голема важност што и оваа година Република Македонија ја задржа препораката за започнување на преговори за членство во Европската Унија и додаде дека не очекува уште многу работа каде надлежните институции и органи треба да вложат сериозен труд во спроведување на потребните реформи во земјата.
Бесими истакна дека е значајно унапредувањето на соработка и партнерство помеѓу Владата и граѓанските организации во однос на укажувањата дадени во Извештајот, особено во периодот на Програмирање на Националната програма за усвојување на европското законодавство за 2015 година.
Во таа насока вицепремиерот Бесими упати повик за активен придонес на невладиниот сектор. “Со оглед на тоа што НПАА е стратешки документ во кој се предвидуваат активности за адресирање на препораките од Извештајот за напредок, предлозите од невладините организации до 1 ноември 2014 може официјално да ги доставите до СЕП“ – рече Бесими, додавајќи дека истите ќе бидат проследени до соодветните НПАА работни групи. “На овој начин ќе се постигне поголема инклузивност и транспарентност со што ќе се придонесе кон приготвување на поквалитетен документ“ – истакна Бесими.