Новости
среда, 15 октомври 2014 13:50
Заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања, д-р Фатмир Бесими, денеска оствари две работни средби со амбасадорот на Финска, Н.Е. Тимо Рајакангас, и со амбасадорот на Ирска, H.E. Жерард Кор. На двете средби, главна тема на разговор беше Извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Македонија за 2014 година.
Вицепремиерот Бесими истакна дека важно е што и во овој Извештаj, Европската комисија по шести пат ја потврдува препораката Република Македонија да започне преговори за полноправно членство во Европската Унија. Притоа, тој ги информираше амбасадорите дека Владата е свесна за сериозноста на укажувањата и посветено работи кон решавање на предизвиците со кои се соочува државата.
На двете средби Вицепремиерот ги запозна амбасадорите со конкретните мерки кои ги презема Секретаријатот за европски прашања – СЕП, во однос на укажувањата од Извештајот. Тој истакна дека од страна на СЕП подготвена е детална анализа во однос на наодите дадени во Извештајот, која ќе биде презентирана на утрешната владина седница. Меѓу другото, нагласи дека веднаш после добивањето на Извештајот Секретаријатот отпочна со организирање на посебни средби со академската заедница, невладиниот сектор, судството, министерствата, здруженијата на новинари како и со бизнис заедницата, со цел постигнување на поголема транспарентност и инклузивност на процесот.
Двајцата амбасадори последователно искажаа поддршка за Република Македонија во процесот на интеграција на државата кон Европската Унија. Тие потенцираа дека и двете држави се партнери на Македонија и се отворени за идна соработка.