Новости
петок, 10 октомври 2014 15:18
По добивањето на Извештајот за напредокот на Република Македонија, за 2014 година, од страна на Европската Комисија, како и добивањето на шестата препорака за почеток на пристапните преговори, Секретаријатот за европски прашања во насока на обезбедување на сеопфатност и инклузивност на процесот и анализа на извештајот, организира серија на дискусии со надлежните институции, академската заедница, граѓанскиот сектор и бизнис заедницата.
Денес, во просториите на Секретаријатот за европски прашања се одржа дискусија во врска со Извештајот за напредокот на Република Македонија, со академската заедница. На дискусијата беа присутни претставници од шесте Универзитети со кои Секретаријатот за европски прашања има склучено Меморандум за соработка: Универзитетот Кирил и Методиј – Скопје, Универзитетот на Југоисточна Европа, Универзитетот “Св. Климент Охридски“-Битола, Државниот Универзитет во Тетово, Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ Охрид и Универзитетот „Гоце Делчев“- Штип.
Вицепремиерот Бесими истакна дека најважно е што и во овој Извештај ја задржавме препораката за почеток на преговорите, што е битно за понатамошната реализација на реформскиот процес. Ова е исто така уште една потврда дека проширувањето останува во агендата на Европската Унија. Владата, истакна Бесими, сериозно пристапува кон секое укажување од Извештајот. Дискусијата со академската заедница е особено значајна со цел сослушување на сите препораки и идеи за конкретни теми и активности кои заеднички ќе ги превземеме во наредниот период.
Од страна на претставниците на Универзитетите беше истакната благодарност што се поканети на заедничка дискусија во Секретаријатот за европски прашања во врска со Извештајот на Европската комисија. Само со тимска работа, мобилизирање и ангажирање на стручните лица и сите чинители во процесот може да се постигне напредок – се истакна на средбата.
Од двете страни на дискусијата беше договорена идната соработка преку организирање на заеднички трибини, дискусии, дебати со цел постигнување на поголема инклузивност и транспарентност како и зголемување на поддршката и унапредување на процесот за пристапување во Европската Унија.