Новости
понеделник, 18 март 2013 09:54
Почитувани,
Со жалење го примив Вашето писмо со кое ме известувате за Вашата одлука да се повлечете од институционалниот дијалог со Владата за подобрување на состојбата на медиумите, слободата на изразување и работните права на новинарите, снимателите, фоторепортерите и другите медиумски работници.
Како предводник на еден процес кој со прифаќање на европските вредности и стандарди има за цел да изгради одржлива демократија со максимална почит за слободата на изразување како човекова вредност и уставно право, сакам да истакнам дека ќе направам се, во рамки на моите можности, за да се разјаснат околностите за последниот настан во врска со однесувањето кон претставниците на медиумите во Собранието на Република Македонија.
Неограничена слобода на медиумите е од витално значење за едно здраво демократско општество. Дијалогот кој ние го започнавме е од исклучителна важност за демократските процеси во земјата. Медиумите ја играат клучната улога не само во известувањето, туку и во обликувањето на политиките и случувањата во Европа. Вклученоста на медиумите во процесот на интеграција на Република Македонија е од суштинско значење за неговиот успех.
На крај сакам да Ве уверам дека јас лично и институцијата што ја раководам се обидуваме слободата на изразување и слободата на медиумите да ја подигнеме на највисокиот пиедестал како една од темелните вредности на демократијата. Затоа верувам дека нашата заедничка соработка, која се заснова на меѓусебна доверба, треба да продолжи за да се соочиме со предизвиците и да изградиме демократска европска земја каде што медиумите би биле на позиција на четврта власт во државата.
Со почит,
Др. Теута Арифи
Заменик на претседателот на Владата
задолжен за европски прашања