Новости
среда, 01 октомври 2014 15:38
Заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања д-р Фатмир Бесими престојува во еднодневна работна посета на Подгорица, каде оствари средба со Потпретседателот на Владата на Црна Гора и министер за надворешни работи и европски интеграции г. Игор Лукшиќ.
На средбата беше истакната важноста од што поскоро интегрирање на државите од Западен Балкан во Европската Унија, со цел постигнување на стабилност, развој, демократски и економски просперитет.
Вицепремиерот Бесими фокусирајќи се на процесот на интеграција на Република Македонија, ги истакна последните постигнувања на земјата во однос на членството во Европската Унија, при што нагласи дека европската интеграција останува стратешки приоритет за нашата држава и граѓаните на Република Македонија.
Тој информираше дека Владата продолжува посветено да работи на реформите во доменот на владеење на правото, изборната реформа, слободата на изразување и медиумите, судството, борбата против корупцијата и организираниот криминал, унапредувањето на меѓуетничките односи, како и зголемување на економскиот раст и вработувањето.
На средбата Вицепремиерот истакна дека билатералната и регионална соработка во областа на интеграцијата во ЕУ може да биде многу корисна за земјите од регионот и дека ќе испратиме позитивна порака за нашата цврста определба за исполнување на критериумите за пристапување.
Вицепремиерот Бесими потенцираше дека соработката меѓу двете земји може да биде дополнително зајакната со воспоставување на заеднички тематски работни групи кои можат да разменат искуства и да споделуваат идеи на техничко ниво.
Бесими доби поддршка од Лукшиќ за иницијативата на Република Македонија за одржување на регионална министерска конференција за интеграција во ЕУ, планирана за наредниот период, на која е предвидено да учествуваат земјите од Западен Балкан (кандидати и потенцијалните земји-кандидати) и Турција, како и земјите членки на ЕУ од регионот и високо ниво на ЕУ претставници.
Двајцата соговорници истакнаа дека очекуваат успешната билатерална соработка да продолжи и во иднина.