Новости
петок, 26 септември 2014 14:53
Да се почитуваат сите разлики, па така и јазичните е пораката од денешниот настан „Креирање ѕид на јазиците“ организиран од Секретаријат за европски прашања по повод Европскиот ден на јазиците.
Силата на различностите е во убавината на јазиците е пораката што ја запиша вицепремиерот Фатмир Бесими. Според него, јазикот е одраз на различностите и вредности и предности кои ќе ги внесеме во ЕУ.
Mислам дека сме на добар пат и во Европа ќе добиеме не само повисоки стандарди туку има и многу работи кои можеме да ги внесеме во Европа како вредност, само треба да имаме самодоверба, да се почитуваме меѓу себе и таквата вредност да ја внесеме во ЕУ. Тоа што е заедничко за сите јазици, убавината во која тие се создадени како средина, тоа е и мото на ЕУ и нешто што Македонија го има како вредност и можеме да ја пренесеме како позитивна порака во регионот за мир соживот и просперитет, вели Бесими.
На ѕидот со пораки за мир, соживот и просперитет на различните европски јазици оставаа и дипломати, претставници на граѓански здруженија, спортисти, уметници.
Мислата на Нелсон Мендела „Ако му зборувате на човек на јазик кој што ќе го разбере ќе му влезе во глава, а ако му зборувате на неговиот јазик, ќе му влезе во срцето“, е една од пораките која меѓу другите беше запишана денеска на ѕидот на јзиците.
Во време на глобализација и намалување на бројот на јазиците на светско ниво експерите предупредуваат дека јазикот ја изразува историјата, културата, општеството и идентитетот на луѓето, а секое негово губење или бришење е загуба за човештвото.