Новости
понеделник, 15 септември 2014 16:30
Денеска во посета на Секретаријатот за европски прашања пристигна делегација на Генералниот Директорат за проширување на Европската Комисија предводена од г-дин Дејвид Кулен и одржа средба со тимот на Секретаријатот за европски прашања кој го координира процесот на европска интеграција предводен од заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања д-р Фатмир Бесими.
За време на средбата се дискутираше за клучните приоритети на Македонија во процесот на европска интеграција, при што посебен осврт се даде за се последните постигнувања во областите на добрососедските односи, слободата на изразување во медиумите, судството, борбата против корупцијата и организираниот криминал, меѓуетничките односи, реформата на јавната администрација, билатерални односи и регионална соработка, изборната реформа, и активностите во однос на економските критериуми.
Меѓу другото на состанокот се разговараше за остварувањата во рамките на Акцискиот план и за активностите предвидени со Националната програма за усвојување на правото на Европската Унија (НПАА), а се дискутираше и за тековното спроведување на ИПА I и планирањето на новите програми во рамките на ИПА II.
Во рамки на посетата, делегацијата на Генералниот Директорат за проширување оствари и средби со секторите на Секретаријатот за Европски Прашања.
Посетата на делегацијата на Одделот за Западен Балкан при Генералниот директорат за проширување, се реализира непосредно пред објавувањето на новиот извештај за напредокот на Македонија.