Новости
четврток, 11 септември 2014 16:14
Заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања д-р Фатмир Бесими, денес оствари средба со новата амбасадорка на С.Р. Германија во Република Македонија, Н.Е д-р Кристине Д. Алтхаузер.
На почетокот на средбата вицепремиерот и честиташе на амбасадорката за новата функција, и воедно се заблагодари за поддршката која Република Македонија и државите од Западен Балкан ја добиваат во континуитет од Германија, посочувајќи ја како пример поддршката изразена на неодамна одржаната Берлинска конференција. На конференцијата беше упатена јасна порака дека сите држави од Западен Балкан треба да имаат можност да се приклучат кон Европската унија кога ќе ги исполнат условите за пристапување.
На состанокот Бесими потенцираше дека Евро-атлантската интеграција останува клучен стратешки приоритет на нашата земја. Притоа се осврна на клучните резултати постигнати во однос на спроведените реформи во судството, борбата против корупцијата и организираниот криминал, подобрувањето на меѓуетничките и добрососедските односи како и зголемување на економскиот раст и вработувањето.
Во рамките на билатералната соработка Германија останува да биде силен поддржувач на Република Македонија преку различните модалитети на проектна соработка.
На крај, вицепремиерот Бесими посочи дека очекува остварениот напредок да биде соодветно нотиран и валоризиран во есенскиот извештај за напредокот, со оглед на тоа што извештајот е документ врз основа на кој се дефинираат приоритетите за понатамошно спроведување на реформскиот процес.