Новости
среда, 10 септември 2014 15:14
Во пресрет на есенскиот Извештај од Европската комисија, а во рамки на ЕУ Агендата 2014 на Секретаријатот за европски прашања, заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за Европски прашања д-р Фатмир Бесими, во придружба на секторите задолжени за ИПА и евроинтеграциии, оствари работна посета на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, каде се сретна со министерот Михаил Цветков, претставници од ова министерство како и со претставници на Агенцијата за храна и ветеринарство и Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.
На средбата се разговараше за степенот на подготовка на законски и подзаконски акти, со цел усогласување на националното законодавство со правото на Европската унија во делот на земјоделската политика, руралниот развој, безбедност на храната, ветеринарната и фитосанитарната политика.
Вицепремиерот Бесими и соговорниците дискутираа за научените лекции и предизвиците во тековната ИПА, во насока на успешно планирање на ИПА 2. Беше разгледан и степенот на искористеност на средства кои стојат на располагање преку Инструментот за претпристапна помош – ИПА, а кои се од особена важност за реализација на реформите во земјоделството.
Бесими истакна дека европските фондови се наменети првично за подобрување на животот на граѓаните во Република Македонија, а воедно се и од клучно значење за приближување на земјата кон Европската унија, преку вложување во социо-економскиот развој како и усогласување на законодавството со ЕУ.
Серијата работни посети “ЕУ - ИПА Институционална Координација" на Вицепремиерот Бесими ќе продолжи со сите институции корисници на ИПА фондови и имплементатори на НПАА, со цел непосредно информирање за сите аспекти од користењето на ИПА, имајќи ги предвид прашањата на програмирање, техничко спроведување, мониторинг, известување, исполнување на предуслови за успешно спроведување на проектите/програмите, како и аспекти на системот на управување, институционален и административен капацитет, почитување на процедурите за користење на овие средства, функционирање на координативни механизми, како и разгледување на статусот на реализација на активностите предвидени во НПАА.