Новости
петок, 05 септември 2014 14:41
Заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања д-р Фатмир Бесими престојува во еднодневна работна посета на Виена, каде оствари средба со Сојузниот министер за Европа, интеграција и надворешни работи на Република Австрија г. Себастијан Курц, г. Михаел Линхарт генерален секретар и г. Јан Кикерт политички директор во министерството за надворешни работи на Република Австрија
На средбата се разговараше за процесот на интеграција на Република Македонија, како и за последните постигнувања на земјата во однос на членството во Европската Унија, при што Бесими потенцираше дека европската интеграција останува стратешки приоритет за нашата држава и граѓаните на Република Македонија.
Тој информираше дека Владата продолжува посветено да работи на реформите во доменот на владеење на правото, изборната реформа, слободата на изразување и медиумите, судството, борбата против корупцијата и организираниот криминал, унапредувањето на меѓуетничките односи, базирани на принципот на меѓусебно почитување и толеранција, како и зголемување на економскиот раст и вработувањето. Во тој контекст, Бесими се осврна на клучните постигнувања во изминатиот период, кои се во насока на понатамошно усогласување на националното законодавство со европското право и унапредување на досието за спроведувањето на законите.
“Со оглед на напорите превземени од страна на Владата во поглед на реформскиот процес, очекуваме прогресот да биде забележан во есенскиот извештај за напредок на Европската комисија и уште еднаш да ни се повтори препораката за почеток на преговорите. Отпочнувањето на преговорачкиот процес и зачленувањето во Унијата е од исклучително значење во поглед на иднината на мојата земја“- додаде Бесими.
Вицепремиерот Бесими изрази благодарност за заложбата на Австрија за вклучување на земјите од Западен Балкан во ЕУ, а особено за подршката за отпочнување на пристапни преговори со Република Македонија, потврдена на јунската и минатонеделната Конференција за Западен Балкан како и Конференцијата предвидена за наредната година, чиј домаќин ќе биде токму Австрија. Регионалните иницијативи од овој тип може да придонесат кон заедничко надминување на предизвиците, со цел поскора интеграција на регионот во Европската Унија.
Двете земји годинава бележат 20 години од воспоставување на дипломатски односи, имаат одлична билатерална соработка на политичко и економско ниво, Австрија е значаен, втор по големина странски инвеститор во Република Македонија, со инвестиции од околу 485 милиони евра. Австриските компании се присутни во енергетиката, телекомуникациите, банкарството, осигурувањето, главно во услужниот сектор – истакна Бесими.
Двајцата соговорници истакнаа дека очекуваат успешната соработка во областите на животна средина, образованието и науката, културата, економскиот развој, внатрешните работи, одбраната, здравството, како и поддршката во евроинтегративниот процес на Република Македонија да продолжи и во иднина.