Новости
четврток, 04 септември 2014 14:46
Денеска во Собранието на Република Македонија, заменик претседателот на Владата задолжен за eвропски прашања, д-р Фатмир Бесими, ги презентираше пред членовите на Комисијата за европски прашања и претставниците на меѓународната заедница постигнатите резултати и степенот на реализација на Националната програма за усвојување на правото на Европската Унија – НПАА.
Бесими ја истакна важноста на претстојниот период за процесот на европската интеграција на Република Македонија, со оглед на тоа што годинешниот Извештај на Европската комисија за напредокот на земјата ќе биде објавен за еден месец, и воедно нагласи дека треба да останеме фокусирани на спроведување на реформите од европската агенда со цел истите да бидат нотирани во Извештајот.
Вицепремиерот Бесими потсети дека со одржувањето на состанокот на Советот за стабилизација и асоцијација се заокружи 10-от циклус на секторските поткомитети во рамките на Спогодбата за стабилизација и асоцијација. Притоа беше потврдена подготвеноста на земјата да премине во втората фаза на ССА, но исто така беше укажано и на областите во кои е потребно да се спроведат дополнителни реформи – во однос на независноста и профезионализмот на судството, слободата на изразување и медиумите, имплементацијата на Охридскиот рамковен договор, унапредувањето на фундаменталните права, продолжувањето со реформите во јавната администрација итн.
Воедно, Бесими информираше дека во изминатиот период се одржани координативни состаноци со ресорните министерства со цел да се разгледа статусот на имплементација на активностите и најави дека вакви средби ќе продолжат и со други институции.
Вкупно до сега се усвоени 13 закони, три се во собраниска, 3 во владина постапка, а 7 се во меѓуресорска постапка. Околу предвидените подзаконски акти донесени се 49, 1 е во меѓуресорска постапка, а 17 се во подготовка – истакна Бесими.
За реформите во судството, меѓу другото, Бесими потенцираше дека од страна на Судскиот совет е извршено редовното годишно оценување на работата на судиите за 2013 година, зајакнати се капацитетите на Јавното обвинитество со опрема за снимање на сослушувањата и опрема за следење на случаите. Како посебно важна, ја истакна реформата на правната рамка во однос на оценувањето на дисциплинската одговорност на судиите, која ќе се реалзиира во соработка со ЕК.
Во областа на слободата на изразување и медиумите, Бесими информираше дека Владата објави преглед на информативни кампањи за 2012,2013 и првата половина на 2014 година. Понатаму, посочи дека е формирана меѓу-министерска работна група задолжена за обезбедување на поголема финансиска независност на Јавниот радиодифузен сервис и дека продолжува праксата на континуирани обуки за судиите во однос на примената на Законот за граѓанска одговорност за клевета и навреда.
На крајот на презентацијата на НПАА пред членовите на Комисијата за европски прашања во Собрание, вицепремиерот Бесими рече дека ова се дел од клучните постигнувања во спроведувањето на реформите од ЕУ агендата и нагласи дека поради важноста на претстојниот период, имајќи предвид дека Европската комисија веќе работи на Извештајот за напредок за 2014 година, неопходно е сите да покажат максимална конструктивност и да се фокусираат на реализација на клучните приоритети и реформи со цел истите да бидат нотирани во Извештајот, додавајки дека не смееме да го испуштиме моментумот на позитивна клима во Европската Унија во поглед на проширувањето кон државите на Западен Балкан, кој беше потврден со Берлинската Конференцијата за Западен Балкан и Приоритетите на италијанското претседателство.