Новости
среда, 03 септември 2014 16:06
По повод започнување на новата учебна година, во рамки на проектот “Младите за Европа”, Заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања д-р Фатмир Бесими денеска го посети училиштето Вудроу Вилсон во Тетово.
За време на посетата вицепремиерот Бесими се запозна со напредокот на образовниот процес, работата на учениците и наставниците како и со модерната инфраструктура на кампусот на училиштето, каде што имаше можност лично да го види нивниот ангажман во формирање на иднината на Република Македонија.
Вицепремиерот Бесими за време на средбата со директорот на училиштето г-ѓа Елита Зулбеари Маша, нагласи дека еден од главните услови за евроинтеграција е квалитетот на образовниот систем во земјата и дека училиштето Вилсон го исполнува тоа со прецизност и голем успех.
На состанокот се разговараше и за продлабочување на соработката помеѓу Секретаријатот за европски прашања и училиштето Вудроу Вилсон, преку конкретни проекти особено со младите за сензибилизирање и зголемување на нивната вклученост како идни граѓани на Европската унија.
Во име на училиштето г-ѓа Зулбеари Маша на вицепремиерот Бесими му подари плакета и додаде дека денешната посета на вицепремиерот Бесими не е случајна, и дека училиштето Вилсон е јадро со Западни вредности која е во согласност со работењето на Бесими и неговиот тим.
“Иднината почнува тука. Иднината почнува сега!” пренесе вицепремиерот Бесими по размената на прашања и одговори со учениците, посакувајќи им успех во учењето и негување на европските вредности во нивниот живот.