Новости
понеделник, 25 август 2014 15:21
Секретаријатот за европски прашања, во пресрет на есенскиот Извештај на Европската комисија, спроведува поинтензивен циклус на ЕУ/ИПА институционални посети, со цел следење на динамиката и интензивирање на активностите во врска со истиот.
Заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за Европски прашања д-р Фатмир Бесими заедно со секторите задолжени за прашања од доменот на ИПА и ЕУ, одржа работен состанок со министерот за информатичко општество г-дин Иво Ивановски и претставници на Министерството за информатичко општество и администрација, како дел од циклусот на посети “ЕУ – ИПА Институционална координација“.
На средбата посебен акцент се стави на разгледувањето на статусот на реализација на активностите од Националната Програма за Усвојување на Правото на Европската Унија (НПАА) и Акцискиот План за пристапување на Република Македонија во Европската унија во пресрет на есенскиот Извештај на Европската комисија. Двајцата соговорници дискутираа за политичките критериуми, т.е за Слободата на изразување/ слобода на медиумите, за Реформите на јавната администрација, за Поглавјето 3.10. Информатичко општество и медиуми, како и за Надградбата на системот за Интероперабилност за поврзување на државните институции.
На состанокот се дискутираше за досегашното користење на ИПА фондовите во секторот на информатичкото општество и јавната администрација и предизвиците во реализацијата на проектите/програмите, плановите за користење на идната ИПА во периодот 2014-2020 година, како и разгледување на активностите за подобрување на успешноста, ефикасноста и ефективноста во користењето на ИПА.
Во областа на Реформа на јавна администрација со поддршка на Европската унија преку Инструментот за пред пристапна помош (ИПА), се обезбедува значителен придонес за институционално зајакнување. Министерството за информатичко опшество и администрација уште од самото воспоставување на овој инструмент од страна на Европската комисија искористува средства за имплементација на проекти значајни во реформата на јавната администрација. Имено во рамки на ИПА 1 во периодот од 2007 до 2013 година подготвени се вкупно 10 проекти во вкупен износ од околу 9.4 милиони евра.
Серијата работни посети “ЕУ - ИПА Институционална Координација" вицепремиерот Бесими ќе продолжи да ја реализира во наредниот период со сите институции корисници на ИПА фондови и имплементатори на НПАА, со цел непосредно информирање за сите аспекти од користењето на ИПА, имајќи ги предвид прашањата на програмирање, техничко спроведување, мониторинг, известување, исполнување на предуслови за успешно спроведување на проектите/програмите, како и аспекти на системот на управување, институционален и административен капацитет, почитување на процедурите за користење на овие средства, функционирање на координативни механизми, како и разгледување на статусот на реализација на активностите предвидени во НПАА.