Предизвиците и перспективите на младите во Македонија, можноста што поскоро тие да станат европски граѓани и да придонесат за мировната идеја и концепт на развиена Европа беа тема на дискусијата „Активни млади - клучен елемент за општествен развој“ што денеска по повод Меѓународниот ден на младите ја организираа Секретаријаот за европски прашања и канцеларијата на Програмата за развој на ОН во Македонија.
Вицепремиерот за европски прашања Фатмир Бесими информира за можностите што ги имаат младите во Македонија како во однос на проекти на ЕУ наменети за младата популација, така и за можностите креирани од Владата.
Во однос на проектите на ЕУ, тој како посебно значаен го издвои „Еразмус плус“, кој се однесува на младите, образованието и спортот, а кој пружа можности за индивидуалци, за правни субјекти и универзитети преку разни програми за образование, обука и други активности за младите.
- Апелирам до младите да ја искористат можноста да аплицираат во Агенцијата за млади и спорт, каде што има објавен оглас за 2014 година. Веќе се алоцирани три милиони евра за Република Македонија кои може да се искористат за проекти за младите во земјата. Младите како една структура во општеството секако претставуваат значаен сегмент за развојот. Тоа што за нас е битно е да го поттикнеме тој потенцијал што постои кај младите во Република Македонија и да бидат еден модел за развојот, за создавање иднина со повисоки стандарди и поквалитетен живот и со нови работни места, рече Бесими.
Во тој контекс, покрај средствата и проектите од ЕУ, додаде, Владата веќе има усвоено стратегија за младите. Имено, се спроведуваат проекти што се однесуваат на вработувањето на младите до 29 години, како давање кредити за приватниот сектор за мали претпријатија кои ќе започнат нов бизнис.
- Оваа година искористени се 85 кредити за млади за иницијативи во бизнисот. Исто така, во приватниот сектор малите и средни претпријатија кои ќе вработат млади до 29 години имаат разни олеснувања со цел да се подобри вработеноста кај младата генерација, појасни вицепремиерот за евронтеграции.
Во насока на мотивирање на младите, рече, е и воведувањето на таканаречен интерншип, каде младите пред завршување на факултетот или непосредно по завршувањето имаат можност во текот на целата година да се вклучат во државните институции. СЕП има склучено и меморандум за разбирање со сите универзитети во РМ односно со државните универзитети со цел најдобрите студенти да можат да аплицираат и да се вклучат во работењето на Секретаријатот и генерално во државните институции. Тој проект веќе е во фаза на реализација.
Луиза Винтон, постојан координатор на ОН и постојан претставник на Програмата за развој на Обединетите нации, рече дека ОН имаат посебен ден за младите поради посебниот вид на предизвици со кои тие се соочени како на светско ниво така и во земјава. Најголем предизвик за нив, вели, е невработеноста.
- На светско ниво имаме околу 73 милиони невработени млади луѓе, а во оваа земја процентот на невработеност кај младите е над 50 проценти. Постојат начини и пораки како може да се реши овој проблем, секако со учество на самите млади луѓе така што на овој ден сакаме да ја искористиме можноста и да чуеме идеи од младите како може да се реши овој проблем. Гледаме големи можности во тие проекти што постојат за создавање на работни места за млади луѓе, но исто така гледаме големи можности и во самиот процес на евроинтеграција, рече Винтон.
Меѓународниот ден на младите се одбележува секој 12-ти август. Востановен е во 1999 година од Генералното собрание на Обединетите нации. Годинава темата е „Младите и менталното здравје“ зашто многу често младите кои се соочуваат со вакви проблеми се етикетирани и тоа ги демотивира да побараат помош или поддршка.