Новости
среда, 23 јули 2014 19:35
Заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања д-р Фатмир Бесими, денеска (23.07.2014) се обрати на 11-от Состанок на Советот за стабилизација и асоцијација меѓу Република Македонија и Европската Унија, одржан во Брисел, на кој што присуствуваше и министерот за надворешни работи на Република Македоника, г-дин Никола Поповски.
Со состанокот претседаваше Сенаторот Бенедето Дела Ведова, Државен потсекретар за надворешни работи на Република Италија а присутни беа и комесарот Штефан Филе и директорот Фернандо Џентилини.
На состанокот на Советот за СА се истакна дека Спогодбата за стабилизација и асоцијација (ССА) останува во суштината на односот меѓу ЕУ и Република Македонија до пристапувањето на земјата во ЕУ, а истото предвидува договорна рамка во која ЕУ и земјата соработуваат и го следат развојот на настаните во нивните односи.
Советот се осврна и на главната цел на земјата, започнување на преговорите за пристапување кон ЕУ, потврдувајќи ја нејзината силна посветеност за оваа цел, земајќи ги во предвид препораките од Европската комисија.
Вицепремиерот Бесими, во своето обраќање истакна дека Евро-атлантските интеграции остануваат стратешки приоритет на новата Влада на Република Македонија и дека таа ќе продолжи и понатаму да работи на реформите и спроведувањето на приоритетите кои произлегуваат од извештајот за напредокот и заклучоците на Европскиот Совет како што се реформите во судство и зајакнување на довербата во институциите, човекови права, слобода на изразување, политички дијалог, добри меѓуетнички односи како и добри соседски односи.
Советот за стабилизација и асоцијација го разгледа спроведувањето на изборите во април и се осврна на оценките на ОБСЕ/ОДИХР според кои изборите беа ефикасно спроведени, и ги поздрави изборните реформи, согласно препораките на ОДИХР.
Согласно воспоставената практика на редовно известување за реализацијата на Националната програма за усвојување на правото на ЕУ, вицепремиерот Бесими се осврна на ревидираната Национална програма за 2014 година и истакна дека во процесот на европската интеграција во изминатиов период реализирани се клучните реформи а кои се дел од Пристапниот дијалог на високо ниво (ПДВН-ХЛАД).
Во своето обраќање вицепремиерот Бесими наведе дека Република Македонија продолжува со својот про-активен придонес во унапредувањето на билатералните односи со соседните земји од регионот и истакна дека е целосно посветена на надминување на сите отворени прашања, особено со Република Грција и Република Бугарија.
Советот за СА, во однос на меѓуетничките односи, ја нагласи важноста на спроведувањето на Охридскиот рамковен договор
Советот за СА го поздрави континуираното активно учество и конструктивниот приод на Република Македонија во регионалната соработка, вклучително и во инцијативите во Југоисточна Европа, како што се Регионалниот совет за соработка, Процесот за соработка во Југоисточна Европа, како и тековното претседателство на земјата со Централно-европска слободна трговска зона (ЦЕФТА). Советот за СА го поздрави претстојното Македонско претседателство со ЦЕИ.