Новости
понеделник, 18 март 2013 09:36
Денеска заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања д-р Фатмир Бесими се сретна со шефот на Делегацијата на Европската Унија во Република Македонија, амбасадорот Аиво Орав.
За време на средбата во Делегацијата на ЕУ во Скопје, соговорниците се осврнаа на активностите кои ги презема Владата на Република Македонија во насока на спроведување на реформите и исполнување на критериумите за членство во Европската унија.
При тоа посебен акцент се стави на обврските кои произлегуваат од Пристапниот дијалог на високо ниво, со цел да се задржи динамиката во реализацијата на предвидените мерки.
Во тој контекст, вицепремиерот Бесими ја истакна неговата посветеност и подготвеност за натамошно продолжување на Дијалогот на високо ниво како и сите други проекти кои го поддржуваат евроинтегративниот процес на земјата.
Амбасадорот Орав нагласи дека е важно да се даде диманика на реформскиот процес и дека Европската комисија го поддржува интегрирањето на Република Македонија во Унијата.
На средбата на заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања и амбасадорот на ЕУ во РМ беше потенциран фактот дека декемвриските заклучоци на Советот се солидна можност за забрзување на реформите.
Имајќи ги предвид овие заклучоци со цел што поскоро отварање на преговорите за членство на Република Македонија, во пресрет на пролетниот Извештај на Комисијата, вицепремиерот Бесими нагласи дека фокусот на Владата ќе биде насочен кон приоритетните области во исполнување на обврските преземени во рамки на Пристапниот дијалог и извештајот за добрососедските односи.
На крајот, се потенцира значењето за Република Македонија во овој период да се покаже напредок кон започнувањето на преговорите со Европска Унија и потребата сите релевантни фактори во државата да придонесат кон овој процес преку дијалог да се надминат сите предизвици.
На средбата Бесими се заблагодари на упатените честитки за успешно извршување на новата и одговорна функцијата во Владата на Република Македонија и најави посета во Брисел за наредните денови.