Новости
среда, 11 јуни 2014 18:32
Комитетот за стабилизација и асоцијација помеѓу Република Македонија и Европска унија на 11 јуни 2014 година, во Скопје го одржаа својот единаесетти по ред работен состанок.
Состанокот од наша страна го претседаваше г. Јован Андоновски, Државен секретар во Секретаријатот за европски прашања при Владата на Република Македонија и Александра Кас Грање, Директор во Генералниот директорат на ЕК за проширување, од страната на Европската комисија.
Состанокот на Комитетот за стабилизација и Асоцијација го заокружи циклусот на десет секторски поткомитети во рамките на процесот на стабилизација и асоцијација почнувајќи од ноември 2013 година. Резултатите од одржаниот состанок на Комитетот, ќе бидат презентирани во рамките на Советот за стабилизација и асоцијација, кој ќе се одржи на 23 јули 2014 год.
Комитетот за стабилизација и асоцијација направи преглед на степенот на исполнување на политичките критериуми во изминатиот период, степенот на имплементација на Договорот за стабилизација и асоцијација како и степенот на имплементација и реализација на реформите. Исто така во рамките на овој состанок беше презентиран и дискутиран најновиот политички и економски напредок на Република Македонија Состанокот се одржа токму на време и претставува корисна подготовка за претстојниот Совет за стабилизација и асоцијација.
Преку Комитетот за стабилизација и асоцијација и неговите помошни тела, Европската комисија ја креира оценката за напредокот кој Македонија го постигнува во насока на исполнувањето на критериумите за членство и коректноста во имплементацијата на договорните обврски преземени со Спогодбата за стабилизација и асоцијација.