Новости
понеделник, 18 март 2013 09:04
Денеска Заменик Претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за Европски прашања д-р Фатмир Бесими, присуствуваше како почесен гостин на средбата на амбасадорите на земјите членки на Европската Унија во Република Македонија.
Заменик претседателот на Владата и амбасадорите на земјите членки на Европската Унија во Република Македонија разговараа за напредокот на Евро-интеграциите како и за актуелната политичка ситуација во Република Македонија. За време на средбата соговорниците се осврнаа на активностите кои ги презема Владата на Република Македонија во насока на спроведување на реформите и исполнување на критериумите за членство во Европската унија.
Во тој контекст, вицепремиерот Бесими ја истакна неговата подготвеност за натамошно продолжување на Дијалогот на високо ниво како и сите други проекти кои го поддржуваат евроинтегративниот процес на земјата, како и неговата посветеност кон интегративниот процес убеден дека Евро-Атлантските интеграции се најдобрите алтернативи за иднината на Република Македонија.
На средбата на заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања и амбасадорите на земјите членки на ЕУ во РМ беше потенциран фактот дека декемвриските заклучоци на Советот се солидна можност за забрзување на реформите. Имајќи ги предвид овие заклучоци со цел што поскоро отварање на преговорите за членство на Република Македонија, во пресрет на пролетниот Извештај на Комисијата, вицепремиерот Бесими нагласи дека фокусот на Владата ќе биде насочен кон приоритетните области во исполнување на обврските преземени во рамки на Пристапниот дијалог и извештајот за добрососедските односи.
Во дискусијата посебен акцент се стави на посветеноста на Владата на Република Македонија во насока на спроведување на реформите и исполнување на критериумите за членство во Европската Унија кои произлегуваат од Пристапниот дијалог на високо ниво.
Заменик претседателот на Владата на Република Македонија за европски прашања информираше дека е подготвен преглед за постигнатиот степен за исполнување на предвидените мерки во клучните пет реформски области: слобода на изразување (медиуми), владеење на правото, јавна администрација, меѓуетнички дијалог и изборните реформи и истиот е доставен до службите на Европската комисија.
На крајот, се потенцира значењето за Република Македонија во овој период да се покаже напредок кон започнувањето на преговорите со Европска Унија и потребата сите релевантни фактори во државата да придонесат кон овој процес преку дијалог да се надминат сите предизвици.
Заменик Претседателот Бесими ги информираше амбасадорите дека утре ќе патува на работна посета во Брисел каде ќе се сретне со Еврокомесарот за проширување на Европската Комисија Штефан Филе, како и со други високи авторитети. Воедно им се заблагодари на амбасадорите за нивната поддршка додавајќи дека ќе се посвети на интензивната работа, заедничкото залагање и меѓусебното почитување со цел надминување на предизвиците кои постојат на патот кон постигнувањето на стратешките цели на Република Македонија, а тоа се Евро-Aтлантските Интеграции.